Наводното зголемување на цените на лиценците за Windows 11 за производителите на компјутери дополнително ќе го оптовари пазарот, кој веќе се соочува со раст на трошоците за компонентите
Цените на персоналните компјутери веќе извесно време се под силен притисок поради кризата на пазарот на меморија и растот на цените на другите клучни компоненти. Како тоа да не е доволно, се чини дека и Microsoft одлучил дополнително да ја влоши ситуацијата со нови, значително повисоки цени на лиценците за својот оперативен систем.
Според извештаите што се појавија на почетокот на август, а кои прв ги објави тајванскиот Economic Daily News (EDN), Microsoft ја зголемил цената што им ја наплаќа на производителите на компјутери (OEM) за лиценца за Windows 11.
Наводното поскапување, кое стапило во сила уште во јули, се движи меѓу 7 и 10 проценти. Иако годишното коригирање на цените не е новост, овогодишното зголемување е опишано како „значително“ во споредба со досегашните, главно едноцифрени поскапувања.
Информацијата наводно потекнува од неименуван директор во една од водечките компании за производство на компјутери, кој додал дека поголеми поскапувања се применети кај уредите со помоќни процесори. Се чини дека цените на уредите што моментално се наоѓаат на полиците во продавниците веќе се формирани согласно новиот трошок наметнат од Microsoft, иако ниту потрошувачите ниту деловните корисници не реагирале премногу, засенети од други, многу поголеми поскапувања.

Сол на хардверската рана
Овој потег на Microsoft доаѓа во најлош можен момент за PC-индустријата, која веќе се бори со вртоглавиот раст на трошоците за клучните компоненти. Цените на RAM-меморијата и дисковите за складирање драстично пораснаа бидејќи производителите ги пренасочија своите капацитети за да ја задоволат огромната побарувачка во секторот на вештачката интелигенција.
Некои извори наведуваат дека трошоците за меморија за производителите на компјутери само во едно тримесечје речиси се удвоиле. Поради тоа, големите компании како Dell, HP и Lenovo веќе во текот на 2026 година беа принудени да ги зголемат цените на своите производи, и тоа пред веста за поскапувањето на лиценците на Microsoft.
На пример, Dell во март ги зголеми цените за околу 17 проценти, додека Lenovo најави поскапувања за јуни. Во овој контекст, потегот на Microsoft изгледа како дополнително отежнување на и онака тешката ситуација на пазарот. Додека поскапувањата на хардверот се последица на реална криза во синџирот на снабдување, за поскапувањето на софтверот нема очигледна причина, освен она што циниците би можеле да го наречат чист опортунизам и обид за финансирање на огромните инвестиции во развојот на вештачката интелигенција.
Како директна последица од потегот на Microsoft, се предвидува дека конечните цени на персоналните компјутери во третиот квартал од 2026 година ќе пораснат за дополнителни 5 проценти. Тајванските гиганти Acer и Asusвеќе најавија дека нивните производи ќе поскапат.
Станува ли „данокот на Windows“ повидлив?
Интересно е што сето ова се случува во период кога некои производители почнуваат да нудат конкретни алтернативи, со што таканаречениот „данок на Windows“ станува потранспарентен од кога било досега. Lenovo, на пример, започна да продава идентични модели на своите лаптопи, но со претходно инсталиран Linux, по значително пониска цена.
Разликата во цената речиси совршено го одразува трошокот за OEM-лиценцата за Windows, што на купувачите за првпат во голема мера јасно им покажува колку всушност плаќаат за софтверот на Microsoft. И други големи производители, како Dell и HP, тивко ја проширија својата понуда на уреди со претходно инсталиран Linux. Во исто време, во Европа се засилува трендот на преминување на јавниот сектор кон софтвер со отворен код, што долгорочно би можело да ја намали зависноста од производите на Microsoft.
Иако овие потези во моментов не претставуваат сериозна закана за доминацијата на Microsoft на пазарот на персонални компјутери, тие јасно укажуваат на растечката свест за трошоците на лиценците и активното барање поисплатливи решенија.


