Компанијата Google ја претстави новата Pixel 11 серија со Tensor G6 чип, значително подобрени камери, до 120x зумирање, посветол дисплеј и нови Gemini AI функции
Google ја претстави новата генерација на своите паметни телефони – Pixel 11, Pixel 11 Pro и Pixel 11 Pro XL, кои носат подобрен дизајн, значителни надградби на камерите и нови можности базирани на вештачка интелигенција, благодарение на новиот Google Tensor G6 чип.
Компанијата ја опишува серијата како својата најлична Pixel генерација досега, со фокус на попрактична Gemini поддршка, фотографија и видео, како и поголема издржливост.
Потенок дизајн и поиздржлива конструкција
Сите три модели имаат редизајниран изглед со стакло од раб до раб околу препознатливата Pixel лента за камерите. Кај Pixel 11, дебелината на камера лентата е намалена за 40 отсто, со што телефонот е попрактичен за носење во џеб и речиси целосно стабилен кога е поставен на рамна површина.
Pixel 11 има Actua дисплеј, сатенска метална рамка и стаклена задна страна, а конструкцијата е дизајнирана да издржи секојдневни прскања, гребнатини и падови.
Основниот модел ќе биде достапен во четири бои: Pistachio, Hibiscus, Frost и Obsidian.

Pixel 11 Pro и Pixel 11 Pro XL повторно доаѓаат во две големини и имаат Super Actua дисплеј со максимална осветленост до 3.600 нити. Новиот заштитен слој на екранот, според Google, нуди повеќе од двојно поголема отпорност на гребнатини во споредба со претходната генерација.
Pro моделите ќе се нудат во боите Canyon, Fog, Olive и мат Obsidian.
Сите модели започнуваат со 256 GB простор за складирање, а добиваат и најбрзо полнење досега во Pixel серијата. Pixel 11 и Pixel 11 Pro поддржуваат Qi 2.2 безжично полнење со 25 W, додека Pixel 11 Pro XL може да обезбеди до 15 часа автономија со само 15 минути жично полнење.

HiLight – известувања без постојано гледање во екранот
Една од новините кај Pixel 11 Pro и Pixel 11 Pro XL е функцијата HiLight, која овозможува корисникот да добива визуелни известувања без да го зема телефонот во рака.
Околу блицот на камерата се поставени LED светла кои светат во различни шеми и бои. На пример, кога корисникот ќе му постави прашање на Gemini, светлото може да покаже дали асистентот слуша, обработува или одговара.
Можно е и доделување различни бои за повици од одредени контакти, а Google најавува дополнителни функции за HiLight во иднина.

Значително подобрени камери
Камерите се меѓу најголемите надградби кај новата генерација. Pixel 11 добива нов, поголем 48-мегапикселен главен сензор, кој овозможува 56 отсто поголема чувствителност на светлина. Тоа би требало да донесе подобри фотографии и видеа, особено во услови со слаба осветленост. Телефото камерата со 5x оптичко зумирање, со помош на Tensor G6 и софтверската обработка, поддржува 30x Super Zoom.
Кај Pixel 11 Pro и Pixel 11 Pro XL, Google вели дека добиваме целосно нов главен сензор, кој треба да понуди најдобри перформанси досега кај Pixel камерите. Телефото камерата е 48 MP, со поголем сензор и 30 отсто поголема чувствителност на светлина. Дополнително, Portrait Mode сега е достапен и при 5x зумирање. Со помош на Tensor G6 и новите модели за обработка на слика, Pro моделите добиваат и Pro Zoom до 120x.
Надградениот процесор за обработка на сликата (ISP), новиот софтвер и подобрените сензори овозможуваат и побрз Night Sight. Google наведува дека ноќното фотографирање сега може да биде до 4,5 пати побрзо, без компромис во квалитетот.

Tensor G6 – срцето на новиот Pixel
Новата серија е базирана на Google Tensor G6, кој Google го опишува како својот најбрз и најмоќен чип досега. Новиот процесор овозможува до 25 отсто побрзо прелистување веб-страници и до 15 отсто побрзо стартување на апликациите.
TPU делот за вештачка интелигенција има 50 отсто поголема процесорска моќ, а во комбинација со најновиот Gemini Nano модел, задачите со вештачка интелигенција што се обработуваат директно на телефонот може да се извршуваат до 3,5 пати побрзо, со до 3,5 пати помала потрошувачка на енергија.
Google дополнително го надгради и безбедносниот систем со новиот Titan M3 безбедносен чип. Tensor G6 и Titan M3 се интегрирани за да обезбедат заштита од современи сајбер-закани, но и од потенцијални идни закани поврзани со квантните компјутери.
Седум години софтверски надградби
Google за сите три модели ветува седум години OS, безбедносни и Pixel Drop надградби.
Pixel 11 Pro и Pixel 11 Pro XL доаѓаат и со шест месеци Google AI Pro, што вклучува поголеми лимити за Gemini, 5 TB простор во облак и Google Health Premium.
Цена и достапност
Pixel 11, Pixel 11 Pro и Pixel 11 Pro XL се достапни за преднарачка, со почетни цени од:
- Pixel 11 – 899 долари
- Pixel 11 Pro – 1.099 долари
- Pixel 11 Pro XL – 1.299 долари
Google најавува дека телефоните ќе бидат достапни во продажба од 20 август, преку Google Store и избрани малопродажни партнери.

