Компанијата Virgin Galactic потврди дека го одложува првиот комерцијален лет на своето вселенско летало за февруари следната година.
Virgin Galactic веќе извесно време ги развива своите вселенски летала од класата „Delta“. Компанијата дури престана да нуди патувања во суборбиталниот простор во 2024 година, по седум успешни комерцијални летови, за да се фокусира на своето возило од новата генерација.
Во меѓувреме, компанијата ја подготвуваше премиерата на новото вселенско летало за крајот на оваа година и првично планираше да спроведе серија тестирања во текот на следните неколку месеци, по што првиот комерцијален лет требаше да се реализира во четвртиот квартал од 2026 година. Сепак, Virgin Galactic очигледно се соочи со неколку проблеми при склопувањето на леталото, па сега е објавено дека првиот комерцијален лет ќе се реализира најрано во февруари 2027 година.
Извршниот директор на Virgin Galactic, Мајкл Колглејзер, го соопшти одложувањето за време на разговорот за деловните резултати, пренесува SpaceNews. Тој истакна дека не постоел еден конкретен проблем поради кој компанијата морала да ги одложи комерцијалните летови на новото возило, туку станувало збор за „стотици релативно мали, но важни задачи поврзани со инсталацијата“ за време на неговата изработка.

Тој објасни дека неговиот тим се соочувал со бројни ситуации во кои некоја компонента била „неколку илјадити делови од инч“ повисока или пониска од предвиденото. Одложувањето ќе им овозможи повеќе време за решавање на проблемите и за да се осигурат дека леталото е правилно изработено. Компанијата планира да започне со тестирањата на земја подоцна овој месец.
Колглејзер за време на разговорот откри и дека компанијата веќе продала повеќе од 50 билети по цена од 750.000 долари за идните туристички летови во суборбиталниот простор. Тој рече дека Virgin Galactic од овој контингент билети, чија продажба започна во март, остварила повеќе од 50 милиони долари во резервации.
И покрај одложувањето, извршниот директор очекува финансиската состојба на компанијата да остане стабилна. Тој истакна дека второто вселенско летало веќе е во производство и исто така би требало да се користи за комерцијални летови во вториот квартал од 2027 година. Планот е до крајот на тој квартал да се реализираат 10 летови месечно.
Инаку, новото летало сè уште го нарекуваат само „вселенско летало“, бидејќи сè уште нема официјално име. Virgin Galactic отвори анкета во која јавноста може да гласа за тоа како би сакала да се вика. Во понудата се четири имиња: Horizon, Explorer, Ascend и Apeiron.


