Компанијата Heart Aerospace соопшти дека успешно е изведен првиот лет на прототипот на нејзиниот целосно електричен авион, демонстраторот X1.
X1 полета од меѓународниот аеродром Платсбург во сојузната држава Њујорк и леташе 27 минути, достигнувајќи височина од 1.100 стапки (335,28 метри), при што целосно ја користеше енергијата од своите батерии. Од Heart додаваат дека за целиот лет, вклучувајќи ги полетувањето и слетувањето, биле потрошени помалку од пет долари за електрична енергија, што е корисен аргумент за продажба имајќи ја предвид цената на горивото. Авионот веќе доби пофалби од раководителите на United Airlines и Air Canada, кои се заинтересирани да вклучат електрични авиони во своите флоти.
Доколку Heart биде успешен, X1 ќе го наследи ES-30, хибриден модел со фиксни крила и 30 седишта, наменет за поврзување на регионалните аеродроми. Компанијата се надева дека нејзините авиони ќе можат да понудат значително поевтина услуга на пократките летови кои во моментов се реализираат со турбопропелерски авиони, како што е Embraer ERJ. Целта е авионот да има автономија од околу 200 километри во целосно електричен режим, додека со хибриден погон тој досег би се зголемил на околу 805 километри.

Пошироката идеја на компанијата Heart е авионот да не биде подостапен само поради пониската цена на електричната енергија во споредба со авионското гориво. Пониските трошоци за одржување и работа на електричните мотори, како и нивната поголема сигурност, дополнително би влијаеле врз финансискиот резултат. Можеби уште поважно е тоа што Heart верува дека ES-30, со кој првично ќе управува еден пилот, во иднина би можел да овозможи автономно изведување на летовите.
Компанијата во моментов планира ES-30 да го пушти во употреба до 2031 година, рок кој според повеќето стандарди за развој на авиони може да се опише само како „амбициозен“. Се чини дека следната деценија ќе биде период во кој бројни авиокомпании и стартапи ќе се натпреваруваат да ја понудат својата визија за иднината на воздушниот сообраќај. Heart за своето место на овој пазар ќе се натпреварува со компаниите Boom Supersonic, Harbour Air, ZeroAvia и Rolls-Royce.
Сепак, иднината на електричното летање во целост зависи од тоа дали батериите ќе станат значително поенергетски густи и полесни во споредба со оние што се користат денес.


