iPhone Ultra би можел прво да се појави во продажба во САД, додека Кина и другите клучни пазари би чекале уште два до три месеци
iPhone Ultra би можел да има постепено лансирање по пазари, при што првиот бран на продажба би бил ограничен само на САД. Според најновите информации од австралиски извори, Apple би можел да го претстави својот прв преклопен iPhone заедно со моделите iPhone 18 Pro во септември, но продажбата не би започнала истовремено во сите земји, туку фазно.
Извори од локални оператори и еден голем трговски синџир тврдат дека iPhone Ultra нема веднаш да се појави во Австралија. Наместо тоа, Apple најпрво би можел да го пушти во продажба на американскиот пазар, а потоа во текот на следните два до три месеци да ја прошири достапноста на клучните пазари, вклучувајќи ја и Кина.
Причината за ваквиот распоред, наводно, се проблемите со снабдувањето и формирањето на цената. Истите извори тврдат и дека Apple има одредени потешкотии при тестирањето на веќе произведените примероци.
Аналитичарот Минг-Чи Куо претходно наведе дека Apple ќе го претстави првиот преклопен iPhone заедно со моделите iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, но дека преднарачките за iPhone Ultra би можеле да започнат подоцна. Ограничената количина на уреди во почетната фаза на производство на ваков комплексен телефон дополнително ја поддржува можноста за одвоен почеток на продажбата.

iPhone Ultra би може да го повтори моделот на лансирање што Apple го користеше за Vision Pro
Apple веќе користеше сличен пристап со уредот Vision Pro. Тој во февруари 2024 година првично беше достапен само во САД, потоа во јуни пристигна во Кина, Хонг Конг, Јапонија и Сингапур, а еден месец подоцна и во Австралија, Канада, Франција, Германија и Велика Британија.
Кај iPhone Ultra причината би можела да биде слична. Според претходните извештаи, најголеми пречки во производството биле сложената конструкција на шарката и тестирањето на издржливоста на преклопниот екран. Се сметаше дека проблемите во текот на пробното производство во погоните на Foxconn биле решени, по што Apple наводно ги зголемил нарачките од седум или осум на приближно 10 милиони уреди.
Сепак, Куо и понатаму очекува само седум до осум милиони испорачани преклопни iPhone уреди во текот на 2026 година, што е значително помалку од проценетите 20 до 22 милиони модели iPhone 18 Pro. Со таков обем на производство би било тешко истовремено да се обезбедат доволни количини за повеќе од 40 пазари.
Засега тврдењето за постепено лансирање по земји не е потврдено од други извори. Според првичните информации, iPhone Ultra би требало да има внатрешен екран со дијагонала од околу 7,7 до 7,8 инчи, надворешен екран од 5,5 инчи, дебелина од приближно 4,5 мм и почетна цена повисока од 2.000 долари, пишува MacRumors.


