Samsung патент прикажува хоризонтален модул за камери налик на телефоните Pixel, но засега нема официјална потврда дека ваквиот дизајн наскоро ќе пристигне кај Galaxy моделите
Samsung би можел да се откаже од вертикално поставените камери, кои неодамна ги опиша како дел од „основниот идентитет“ на Galaxy телефоните, и да премине на хоризонтален модул сличен на оној што го користи серијата Google Pixel.
Вертикалниот распоред на камерите со години е препознатлив дел од понудата на Samsung и се појавува практично кај сите модели – од најскапите преклопни телефони до најевтините уреди. Овој пристап на компанијата ѝ носи конзистентен дизајнерски идентитет, но истовремено остава малку простор за поголеми промени.
Новиот патент на Samsung, кој го забележа SammyGuru, прикажува преклопен телефон со хоризонтален распоред на камерите. Најблиска споредба е со дизајнот на camera bar кај Google Pixel телефоните, иако Samsung користеше сличен хоризонтален распоред уште кај серијата Galaxy S10, пред целосно да се откаже од него.

Новиот Samsung патент прикажува хоризонтален модул за камери, но не го потврдува Galaxy S27
Самите патентни пријави не се потврда дека одреден дизајн навистина ќе стигне на пазарот. Идеите прикажани во нив може да се појават по неколку месеци, по неколку години или никогаш да не завршат во комерцијален производ.
Во овој случај, дополнителна неизвесност создава фактот што патентот прикажува преклопен уред, па нема основа да се тврди дека директно се однесува на серијата Galaxy S27.
Сепак, промената на распоредот на камерите би можела да реши еден практичен проблем. Според авторот на оригиналниот текст, актуелниот дизајн на Samsung го отежнува целосното прифаќање на Qi2 стандардот, бидејќи вертикално поставените камери може да им пречат на магнетните додатоци.

Ова особено доаѓа до израз кај магнетните паричници и надворешните батерии, кои можат делумно да го прекријат објективот на камерата. Samsung поради тоа веќе произведува додатоци специјално прилагодени за своите телефони, но ниту тие целосно не го решаваат проблемот.
Засега, сепак, нема конкретен доказ дека Samsung планира наскоро да премине на хоризонтален модул за камери. Патентот само покажува дека компанијата го разгледува овој дизајнерски правец, додека актуелните информации дури сугерираат дека промената веројатно нема да се случи во блиска иднина – а сигурно не следната година.

