Камерата со променлива бленда би можела да биде ексклузивна за најголемиот модел во серијата, поради дополнителниот простор потребен за хардверот
Претстојните iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max модели се очекува да бидат претставени следниот месец, а покрај новиот A20 Pro чипсет и поголемите батерии, двата модели би требало да донесат и значителни надградби на камерите.
Сепак, според најновите гласини, една од најинтересните новини би можела да биде достапна само кај iPhone 18 Pro Max. Станува збор за главна камера со променлива бленда, функција за која се шпекулира веќе извесно време. Познатиот дојавувач Ice Universe тврди дека Apple би можел да ја ограничи оваа технологија само на најголемиот и најскап модел во серијата.
Според информациите, причината е во дополнителниот простор што го бара хардверот за камера со променлива бленда. Поголемото куќиште на Pro Max моделот овозможува полесно интегрирање на овој систем.

iPhone 18 Pro Max би можел да биде и подебел и потежок
Ice Universe претходно објави дека iPhone 18 Pro Max би можел да тежи околу 240 грама и да има дебелина од 9 милиметри. Тоа би значело дека новиот модел ќе биде малку потежок и подебел од актуелниот iPhone 17 Pro Max.
Камерата со променлива бленда би можела да донесе поголема контрола врз количината на светлина што влегува во сензорот. Тоа потенцијално би овозможило подобра контрола на фотографиите во различни услови, како и поголема флексибилност при фотографирањето.
Apple и претходно правеше разлика меѓу Pro и Pro Max моделите кога станува збор за камерите. Во 2023 година, iPhone 15 Pro Max доби тетрапризма телефото камера со 5x оптички зум, додека iPhone 15 Pro имаше телефото камера со 3x оптички зум.
Доколку најновите гласини се покажат како точни, Apple и кај серијата iPhone 18 би можел дополнително да го издвои Pro Max моделот со напредна технологија на камерата. Засега, сепак, станува збор само за непотврдени информации, па за официјалните спецификации ќе треба да се почека до претставувањето на новата серија.

