Горниот степен на стара ракета Falcon 9 падна и создаде кратер на Месечината, а сондата Lunar Reconnaissance Orbiter на NASA успеа детално да го сними и анализира од орбитата неколку дена подоцна.
Како што и најавивме, откако поминаа неколку дена и се создадоа соодветни услови, NASA објави детални снимки од новиот кратер на Месечината, настанат на 5 август по ударот на горниот степен од ракетата Falcon 9 на SpaceX. Лунарната орбитална сонда Lunar Reconnaissance Orbiter (LRO) на NASA го снимила кратерот меѓу 11 и 12 август, со што научниците добија увид во точните димензии и карактеристиките на местото на ударот.
Прецизно насочување
За да го регистрираат ударот, инженерите морале да ја наклонат леталката за нејзините камери да бидат насочени кон кратерот при секое прелетување на височина од околу 96 километри над површината на Месечината, при брзина од 1,6 километри во секунда.
LRO орбитира околу Месечината на секои два часа, додека Месечината полека ротира под него. Поради тоа, леталката морала да чека шест дена за точното подрачје на ударот да се сврти кон камерата.

Покрај прецизното насочување, клучно било и точното време на снимање. Доколку камерата го фотографирала кратерот само 10 секунди прерано или предоцна, тој би се поместил од центарот на видното поле за повеќе од 16 километри.
Различните агли на снимање им овозможиле на научниците да го анализираат кратерот при различни услови на осветлување. Со мерење на рабовите било утврдено дека дијаметарот на кратерот изнесува околу 18,3 метри, додека врз основа на должината на сенката било пресметано дека неговата длабочина е помала од 3 метри.
За снимање на овие детали, LRO ја користел својата камера со тесен агол на снимање (Narrow-Angle Camera), која може да регистрира објекти и структури со големина до 0,9 метри.
На снимките се гледаат светли и темни зракасти траги кои се шират од кратерот. Потемните траги се составени од површинска прашина и карпи кои долго време биле изложени на влијанието на сончевиот ветер, космичките зраци и ударите од микрометеорити.

При ударот, овој површински материјал бил исфрлен од длабочина од околу 0,45 метри под површината на Месечината.
Од друга страна, посветлите траги во близина на работ на кратерот потекнуваат од свеж материјал исфрлен од подлабоките слоеви на месечевото тло.
Прикажаните детали им обезбедуваат на научниците нов увид во структурата и составот на месечевата кора на оваа локација, велат од NASA.

