One UI 9.5 носи поglatki анимации, подобрена апликација за камерата и нов интерфејс за регистрирање отпечаток од прст, а се очекува да дебитира на почетокот на следната година со Galaxy S27 серијата
Samsung ја подготвува новата верзија на својот кориснички интерфејс, One UI 9.5, а сега се објавени снимки од екранот и видеа кои откриваат дел од промените. Меѓу нив особено се истакнуваат подобрените анимации при отворање и затворање на апликациите, кои би требало да бидат значително помазни од оние во актуелните верзии на One UI.
Samsung го промени и интерфејсот за регистрирање отпечаток од прст, кој сега има помодерен изглед и визуелни подобрувања.

Промени пристигнуваат и во апликацијата за камерата. Samsung ја доработил заобленоста на елементите во менијата и растојанијата меѓу нив, додека скокачките прозорци сега имаат нешто посуптилно заматување на заднината. Подобрено е и скалирањето на иконите, со цел целиот интерфејс да изгледа поусогласено.
Покрај самиот изглед, преработени се и анимациите во апликацијата за камерата, кои би требало да придонесат за пофлуидно корисничко искуство.

One UI 9.5 би требало на постарите Samsung уреди да им донесе и нови опции за Finder и Google лентата за пребарување на почетниот екран. Станува збор за функции кои дебитираа на Galaxy Z Fold8, Fold8 Ultra и Flip8 со One UI 9.0.
Samsung работи и на поедноставување на пресликувањето на екранот на Galaxy телефоните на компјутер. Според моментално достапните информации, за користење на оваа можност најверојатно ќе биде потребен Samsung Galaxy Book.

One UI 9.5 би требало официјално да дебитира на почетокот на следната година, заедно со серијата Galaxy S27. До тогаш има доволно време за дополнителни промени, па функциите прикажани на актуелните снимки не мора нужно во непроменет облик да се најдат во финалната верзија.


