Apple работи на HomePad со интегрирана Siri AI, кој би можел да биде претставен уште оваа година. Домашниот хаб ќе користи Галерија со виџети (Widget Gallery) преку која корисниците ќе можат да избираат која содржина сакаат да се прикажува на почетниот екран на уредот.
Споменувања на Widget Gallery се пронајдени во macOS Tahoe 26.7, ажурирање во кое протекоа информации за голем број необјавени производи на Apple. Стринговите биле пронајдени во датотека со име PosterKit-J490, при што J490 е кодното име на домашниот хаб. PosterKit е рамката на Apple за прилагодување на Lock Screen, па почетниот екран на хабот би можел да понуди голем број исти опции за икони, виџети и изгледи на часовникот.
Apple веќе ја користи Widget Gallery на iPhone, iPad и Mac за додавање виџети на Home Screen и Lock Screen, а домашниот хаб ќе има сличен систем.

Според кодот, виџетите инсталирани на поврзан iPhone ќе бидат предложени и на домашниот хаб, слично како што виџетите од iPhone можат да се користат на Mac без на него да биде инсталирана соодветната апликација. Изгледа дека ќе бидат поддржани и виџети од апликации на трети страни, покрај оние на Apple. Кога виџетите од iPhone апликациите ќе се прикажуваат на домашниот хаб, информациите во нив ќе бидат пресликани од iPhone.
Сите корисници во домот ќе можат да ги гледаат виџетите инсталирани на домашниот хаб, но нивната содржина ќе биде видлива само кога примарниот поврзан уред ќе биде во домот, со цел да се заштити приватноста.
Smart Stack автоматски ќе ги менува виџетите за да прикажува релевантни информации во текот на денот, а корисниците ќе можат и рачно да ги разгледуваат различните опции на Smart Stack. Apple веќе ја користи оваа функција на други уреди, вклучувајќи го и Apple Watch.

Не се очекува домашниот хаб да има сопствен App Store, но ќе поддржува апликации на Apple како Safari, Apple News, Apple Music, Notes, Calendar, Photos и Home. Со допирање на инсталиран виџет на почетниот екран би можела да се отвори целосната апликација со дополнителни информации.
Кодот упатува и на постоење на Face Gallery, што сугерира дека корисниците ќе можат да избираат различни изгледи на часовникот за почетниот екран на уредот. Исто така, хабот ќе може да се додава во HomeKit сцени и автоматизации, заедно со останатите паметни уреди во домот.
Се очекува домашниот хаб на Apple да има квадратен екран од 7 инчи, со можност да се постави на основа или да се монтира на ѕид.

