TikTok ја истражува можноста за директни парични трансакции меѓу корисниците преку приватните пораки, како дел од поширокото проширување кон финансиски услуги.
Популарната видео-платформа TikTok би можела наскоро да добие уште една значајна функција – можност корисниците директно да си префрлаат пари преку приватните пораки.
Информациите доаѓаат од анализа на iOS апликацијата на TikTok во САД, каде што во нејзиниот код се пронајдени индикации за развој на систем за директни парични трансакции меѓу корисниците. Идејата потсетува на начинот на кој функционираат сервиси како Venmo, каде што испраќањето пари е интегрирано во комуникацијата меѓу корисниците.
Ако функцијата навистина биде активирана, најверојатно ќе се потпре на инфраструктурата на TikTok Pay – платежниот систем на компанијата кој веќе се користи на одредени азиски пазари, особено за трансакции поврзани со купувања преку TikTok Shop.

Сепак, не треба да се очекува нејзиното појавување во скоро време. Од TikTok за Bloomberg потврдиле дека ваквата функција во моментов не се тестира, што значи дека евентуалното воведување сè уште е во рана развојна фаза и нема гаранција дека ќе стане дел од финалната верзија на апликацијата.
Влезот во финансискиот сектор не би бил целосно нов потег за TikTok. Компанијата веќе истражува начини за проширување на своите платежни и финансиски услуги, а претходно беше објавено дека во Бразил побарала одобрение за активности поврзани со платежни и кредитни услуги.
Трендот не е ограничен само на TikTok. Социјалните платформи сè почесто се обидуваат да ги интегрираат финансиските услуги директно во своите апликации. X, поранешниот Twitter, исто така воведе можности за меѓусебно испраќање пари, со што социјалните мрежи постепено се трансформираат во платформи што, покрај комуникација и забава, нудат и различни финансиски функции.


