Микроорганизмите од Земјата би можеле да ја преживеат суровата површина на Месечината, иако во состојба на мирување, покажува ново истражување.
Претходните истражувања укажувале дека површината на Месечината е премногу сурова за микроорганизмите да можат да преживеат на неа. Поточно, студија од 2019 година покажала дека ултравиолетовото зрачење и топлината од Сонцето се најголемите пречки за опстанокот на микробиолошкиот живот на површината на Месечината.
Меѓутоа, во ова претходно истражување не била земена предвид заштитата што на Месечината би можеле да ја обезбедат ридовите и долините. Тоа би можело да биде особено значајно на месечевите полови, каде што Сонцето никогаш не се искачува високо, поради што постојат области кои се трајно во сенка и во кои може да има мраз, а можеби и нешто повеќе.
Во новата студија истражувачите анализирале три видови бактерии и два вида габи. Сите тие вообичаено може да се најдат за време на вселенски мисии со човечки екипаж, а меѓу нив има и микроорганизми за кои во претходните истражувања било утврдено дека се особено отпорни на суровите услови во вселената. Претходните истражувања покажале дека овие форми на живот се отпорни на вакуум, студ и честички со висока енергија.
Научниците ги споредиле претходно собраните податоци за способноста на овие микроорганизми да преживеат со мапите на Месечината на кои се забележани мерењата на ултравиолетовото зрачење и температурата на нејзината површина.
Утврдиле дека двата месечеви пола веројатно имаат области во кои микроорганизмите би можеле да преживеат, иако во состојба на мирување позната како криптобиоза, во која не би можеле да се движат ниту да растат сè додека не се појават поповолни услови.

На микроорганизмите можеби не им е потребна голема заштита на Месечината
„Дури и отпечаток од чизма или трага од тркалото на ровер може да создаде област погодна за живот“, изјавил за Space.com коавторот на студијата Прабал Саксена, планетарен научник во Центарот за вселенски летови „Годар“ на NASA во Гринбелт, Мериленд.
Планирано е мисијата Artemis III на NASA да биде првата во која луѓето ќе го истражуваат јужниот пол на Месечината.
„Нашите откритија покажуваат дека мора да бидеме уште повнимателни во врска со материјалите што би можеле ненамерно да ги понесеме со себе додека го истражуваме вселенскиот простор, како и во врска со влијанието што би можеле да го имаме“, изјавила за Space.com коавторката на студијата Хедер Греам, органски геохемичар во Центарот за вселенски летови „Годар“ на NASA.
Покрај можноста мисиите на Месечината да донесат микроорганизми таму, научниците додаваат дека можно е и древни космички удари да исфрлиле карпи од Земјата кои содржеле микроорганизми, а кои потоа можеле да завршат на Месечината.
„Месечината би можела да биде како ‘замрзнувач’, кој чува навистина интересни докази за минатото на Земјата доколку тие стигнале до месечевите полови“, изјавил Саксена.
Идните експерименти би можеле да тестираат колку добро различни видови микроорганизми можат да преживеат на Месечината.
„Имаме одлична можност навистина да размислиме за границите на животот и за тоа колку е тој отпорен дури и во неверојатно екстремни средини. Месечината е навистина разновидно и интересно небесно тело, а месечевите полови се навистина уникатни области поради начинот на кој можат да заробат испарливи материјали како водата, како и поради способноста да го зачуваат животот“, додал тој.
Научниците ги објавиле деталите од своите откритија онлајн на 19 август во списанието Science Advances.

