Samsung во рамките на International Meeting on Information Display (IMID), го претстави 16-инчниот OLED дисплеј со стапка на освежување од 300 Hz, прв од таков вид на пазарот. Компанијата покажа и QD-OLED модели со 360 Hz, како и футуристички дисплеи наменети за роботи.
Samsung на IMID во Бусан, Јужна Кореја, претстави неколку нови технологии за дисплеи, меѓу кои особено се издвојува 16-инчниот OLED панел со стапка на освежување од дури 300 Hz. Станува збор за првиот OLED дисплеј на пазарот со толку висока стапка на освежување.

Дисплејот има резолуција од 2,5K и сооднос на страниците 16:9, а се очекува да најде примена во премиум гејмерските лаптопи. Samsung засега не ги откри податоците за максималната осветленост и HDR можностите, но повеќе детали би требало да бидат познати пред неговото појавување во првите комерцијални уреди.
Покрај 16-инчниот дисплеј, Samsung покажа и два QD-OLED дисплеи со уште повисока стапка на освежување. Првиот има дијагонала од 31,5 инчи, 4K резолуција и променлива стапка на освежување од 360 Hz, додека вториот има дијагонала од 34 инчи, освежување од 360 Hz и поширок сооднос на страниците од 21:9.

На изложбениот простор на Samsung можеа да се видат и неколку футуристички концепти. Меѓу нив е 6,9-инчниот Humanoid Display со технологија за следење на погледот, наменет за употреба во роботи, како и AI OLED Pendant.
За разлика од овие концепти, чија поширока примена не се очекува во блиска иднина, OLED дисплеите со висока стапка на освежување би можеле значително порано да најдат пат до комерцијалните уреди.

