Новиот склоплив телефон на Google, Pixel 11 Pro Fold, беше подложен на тест за издржливост кај Зак Нелсон, кој стои зад популарниот YouTube канал JerryRigEverything. Иако поголемиот дел од тестирањата ги помина без поголеми изненадувања, тестот со свиткување повторно ја откри добро познатата слабост на склопливите телефони на Google.
![]()
Но, пред тоа, Нелсон го подложи Pixel 11 Pro Fold на своите стандардни тестови за отпорност на гребнатини. Потоа следуваше тест со пламен, а уредот беше изложен и на песок и ситни честички за да се провери колку добро екранот и механизмот на шарката се справуваат со нив.
Најинтересниот дел од тестот следуваше на крајот, кога Нелсон се обиде да го свитка телефонот во спротивна насока од онаа за која е наменета неговата шарка. Pixel 11 Pro Fold тогаш попушти во пределот на антенските линии во близина на шарката и пукна, а дополнително се одвои и предниот стаклен панел. Сето тоа може да се види во видеото што го приложуваме.
Најголемиот проблем со ваквиот поразителен резултат е тоа што не станува збор за прв ваков случај. Според тестовите на Нелсон, склопливите Pixel телефони на Google веќе четврта генерација по ред пукаат практично на истото место, односно кај антенските линии, кои претставуваат структурно послаба точка на куќиштето.
Позитивно е тоа што Pixel 11 Pro Fold овојпат не се запали како неговиот претходник, иако Нелсон бил подготвен за такво сценарио и при рака имал противпожарен апарат.