Компанијата HMD го претстави Nokia 300 Charge со батерија од 3.700 mAh, функција за користење како екстерна батерија, LED светло и 2G конекција
Трендот на вградување батерии со голем капацитет се пренесува и кај класичните телефони со физичка тастатура. Компанијата HMD официјално го претстави моделот Nokia 300 Charge, кој се издвојува со капацитет на батеријата неколкукратно поголем во однос на стандардните уреди од оваа категорија.
Пред да продолжиме со овој телефон, не можеме, а да не се осврнеме на одлуките на HMD. Компанијата никако да се договори – дали е HMD, Nokia или Nokia HMD, сега веќе ништо не ни е јасно… Но, Nokia 300 Charge е тука, па да видиме што ни пристигнува.

Батерија од 3.700 mAh и полнење други уреди
Главниот адут на овој модел е заменливата батерија од 3.700 mAh, што е значително повеќе во споредба со вообичаените модели како Nokia 105, кој користи батерија од 1.000 mAh, или Nokia 110 Power со 1.750 mAh.
Покрај полнењето на самата батерија со брзина од 10 W преку USB-C приклучок, уредот има и посебно копче Outна страничната страна од куќиштето, кое активира обратно полнење со моќност од 10 W. Со тоа телефонот добива функција на пренослива екстерна батерија (Power Bank) за дополнување на други уреди. Поради ова, новиот телефон на одредени азиски пазари се продава под името Nokia 300 Power Bank.

Според производителот, батеријата обезбедува повеќе од 40 дена работа во режим на мирување (standby) и до 37 часа непрекинат разговор. Ако сте доволно возрасни, сигурно се сеќавате дека некогаш батеријата се мереше во часови разговор. Не со репродукција на видео, прелистување интернет, туку – разговори. Разговорите некогаш беа најважни…
Поврзувањето е ограничено исклучиво на двопојасни 2G мрежи (900 MHz и 1.800 MHz). Поради ова, телефонот нема да може да се користи во земји каде што 2G мрежите се целосно исклучени.
Дизајн, LED светло и хардверски спецификации
Телефонот има јасен, таканаречен остар дизајн со текстурирани странични површини. Достапен е во песочна и зелена боја, како и во класична црна. Иако по изглед потсетува на отпорни теренски уреди, официјалните технички податоци не наведуваат сертификати за отпорност на вода или удари.

На горната страна од куќиштето е вградено моќно LED светло. HMD тврди дека обезбедува четири пати посилно осветлување од моделот Nokia 105 и двојно посилно од телефонот iPhone 16 Pro. Малку е неверојатно да се споредуваат овие два телефони, но во овој случај тоа некако има смисла, нели?!
Димензиите на куќиштето изнесуваат 136 x 55 x 14,9 милиметри, додека вкупната тежина на уредот е 138 грама. На предната страна доминира LCD екран со дијагонала од 2,4 инчи и резолуција од 320 x 240 пиксели. Хардверската основа ја сочинува процесор Unisoc SC6531E, 4 MB RAM и 4 MB интерна меморија. Просторот за складирање може да се прошири со microSD картички со капацитет до 32 GB, а присутен е и класичен 3,5 mm приклучок за слушалки.

