Новиот passport дизајн, потенкото и полесно куќиште и поудобни екрани во нов формат го прават Galaxy Z Fold8 најзначајната промена во Fold серијата досега.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Samsung по седум години доминација на пазарот на преклопни телефони, ова лето реши да излезе од својата комфорна зона и да претстави нешто сосема ново и поинакво. Компанијата целосно ги промени правилата на сопствената игра и по повеќегодишно усовршување на еден концепт, годинава одлучи да направи радикално поинаков Galaxy Z Fold.
Но, она што е најинтересно е што новиот концепт го носи старото име, бидејќи досегашниот модел доби ново Ultra име. Новиот Fold едноставно се вика Galaxy Z Fold8, додека досегашниот Fold, кој ја продолжува линијата на минатогодишниот модел, сега го носи името Galaxy Z Fold8 Ultra. Наместо досегашните два модели, заедно со новиот Флип8, годинава добивме три нови Galaxy Z телефони, а најголемо внимание несомнено привлекува токму Galaxy Z Fold8.
Fold8 Ultra е првиот Ultra модел во историјата на Galaxy Z серијата и носи најголем дисплеј, најнапреден систем на камери и најголема батерија од трите уреди, додека Galaxy Z Flip8 останува најкомпактното решение за оние кои сакаат телефон што може да се свитка во исклучително мало куќиште.

Сепак, Galaxy Z Fold8 е уредот кој најмногу отстапува од досегашната филозофија на Samsung. И тука не станува збор само за нов процесор, подобри камери или потенка конструкција. Samsung конечно го промени самиот облик на Fold телефонот – и токму тоа може да биде најважната промена во целата осма генерација.
Уште поважно, интересот за новата Galaxy Z серија покажува дека оваа промена очигледно не помина незабележано. Samsung објави дека преднарачките за новата Z серија во Европа се зголемиле за повеќе од 20 проценти во однос на претходната генерација, а Fold8, Fold8 Ultra и Flip8 поединечно ја надминале претходната генерација. Особено впечатлив е податокот дека новиот Fold8 сочинува речиси 40 проценти од вкупните преднарачки во Европа.
Но Galaxy Z Fold8 е уредот кој најмногу отстапува од досегашната филозофија на Samsung. И тука не станува збор само за нов процесор, подобри камери или потенка конструкција. Samsung конечно го промени самиот облик на Fold телефонот – и токму тоа може да биде најважната промена во целата осма генерација.

Нов формат, ново искуство
Најголемиот адут на Galaxy Z Fold8 не е некоја бројка во спецификациите, туку неговата форма. Samsung со оваа генерација се одлучи за таканаречениот passport дизајн, кој значително ги менува пропорциите на Fold. Наместо досегашниот потесен и повисок формат, Fold8 е поширок и понизок, со форма која многу повеќе потсетува на класичен смартфон кога е затворен.
Ова е важна промена бидејќи токму форматот беше една од најчестите забелешки за претходните генерации. Надворешниот екран кај старите Fold модели беше одличен за брзи задачи, но неговата тесна форма не беше идеална за пишување пораки, прелистување интернет или користење апликации подолг период.
Fold8 конечно го решава тој проблем. Кога е затворен, уредот е многу поприроден за користење. Надворешниот екран има 5,5 инчи и со својот сооднос 10:16 овозможува многу поудобно пишување и навигација. Не мора да го отворате телефонот секогаш кога сакате да направите нешто повеќе од читање известување. А кога ќе го отворите, Fold8 се претвора во сосема поинаков уред, што наликува на мини таблет.


Дизајн и конструкција
Galaxy Z Fold8 е изработен со комбинација од материјали кои се карактеристични за премиум Galaxy уредите, но најголемото достигнување е колку Samsung успеал да го намали уредот.
Со тежина од околу 201 грам, Fold8 е најлесниот Galaxy Z Fold досега. Тоа е особено значајно ако се има предвид дека станува збор за уред кој во себе комбинира два екрани, механизам за преклопување и голем број компоненти.
Кога е отворен, дебелината е само околу 4,5 милиметри, додека затворен е под 10 милиметри. Во рака, разликата во однос на претходните генерации е забележлива.
Samsung истовремено ја доработи и шарката. Новата конструкција придонесува за потенок профил, а преклопот на дисплејот е помалку изразен. Секако, линијата на преклопување сè уште постои, но при нормално користење не го нарушува искуството на начин на кој тоа можеби го очекувате.
Fold8 има и IP48 сертификација за отпорност на вода и честички, што дополнително покажува колку технологијата на преклопните телефони созреа во последните неколку години.

Дисплеи
Главниот дисплеј е 7,6-инчен Dynamic AMOLED 2X со резолуција од 1.848 x 2.176 пиксели и адаптивна стапка на освежување до 120Hz. Но бројките се само еден дел од приказната. Она што најмногу се забележува е новиот сооднос од 4:3. Тој го прави Fold8 многу поупотреблив за читање документи, веб-страници, е-пошта и работа со повеќе апликации истовремено.
За гледање видео содржини, големиот дисплеј нуди импресивно искуство, иако поради квадратестиот формат дел од содржината ќе има црни ленти. Сепак, кога станува збор за продуктивност и мултитаскинг, ова е еден од најкорисните формати што Samsung ги има понудено досега.
Надворешниот 5,5-инчен екран исто така е голем чекор напред. Тој е доволно широк за удобно пишување, а високата стапка на освежување го прави целото корисничко искуство мазно и брзо.
Samsung успеа да создаде нешто што претходните Fold модели понекогаш го немаа – чувство дека и надворешниот и внатрешниот екран се подеднакво употребливи, само за различни ситуации.

Перформанси
Galaxy Z Fold8 го користи Snapdragon 8 Elite Gen 5 for Galaxy, најмоќниот процесор достапен за Galaxy уредите од оваа генерација. Во комбинација со до 16 GB RAM и до 1 TB простор за складирање, Fold8 е подготвен за практично секоја задача.
Секојдневното користење е исклучително брзо. Апликациите се отвораат без забележливо доцнење, мултитаскингот е брз и флуиден, а префрлањето од надворешниот на внатрешниот екран се случува практично веднаш.
Но токму големиот дисплеј е она што ги прави перформансите особено интересни. Fold8 е уред кој може да се користи како класичен смартфон, но и како мала работна станица. Може да се отвоат повеќе апликации истовремено, да се прегледува документ додека се пишува порака, да се гледа видео додека се користи друга апликација или да се обработуваат фотографии на многу поголема површина.
Во однос на гејмингот, моќниот процесор и 120Hz дисплејот обезбедуваат одлично искуство, а новата генерација на процесорот е доволно моќна да се справи и со најзахтевните Android игри.

Камери
Камера системот е еден од сегментите каде Fold8 не се обидува да биде најдобар по секоја цена, но сепак нуди многу сериозна конфигурација. Главната камера е 50 MP, со оптичка стабилизација на сликата, а тука се и 50 MP ултрашироката камера и телефото камерата со 2x оптички квалитет.
Во дневни услови главната камера произведува фотографии со многу детали, добар динамички опсег и препознатливата Samsung обработка на боите. Фотографиите се живописни, со добро контролирани сенки и одличен контраст.
Ултрашироката камера е особено интересна бидејќи Samsung овојпат користи 50 MP сензор, што овозможува многу повеќе детали отколку кај типичните 12 MP ултрашироки камери.
Во услови со добро осветлување, фотографиите се остри и со природна репродукција на боите, додека во ноќни сцени главната камера успева да зачува солидно количество детали и да ги контролира изворите на светлина.
Сепак, Fold8 нема класична телефото камера со 3x или 5x оптички зум. Токму тука Fold8 Ultra има јасна предност.
За просечниот корисник, камера системот на Fold8 ќе биде повеќе од доволен, но доколку мобилната фотографија е еден од најважните критериуми при изборот на телефон, Ultra останува подобрата опција.

Батерија и полнење
Galaxy Z Fold8 има батерија со капацитет од 4.800 mAh, што можеби не звучи импресивно ако се спореди со некои класични Android смартфони, но треба да се земе предвид дека Samsung мора да смести батерија во исклучително тенко и преклопно куќиште.
Во реална употреба, автономијата е доволна за цел ден, особено ако поголемиот внатрешен екран не се користи постојано. При полесно користење, Fold8 може да понуди и значително подолга автономија, додека интензивниот мултитаскинг, гејмингот и долготрајното користење на големиот дисплеј природно ќе ја зголемат потрошувачката.
Полнењето е со моќност до 45W преку кабел, додека достапно е и безжично полнење. Samsung и понатаму не се натпреварува со производителите кои нудат екстремно брзо полнење од 100W или повеќе, но за корисникот кој го полни телефонот преку ноќ или во текот на денот, ова е сосема употребливо решение.

Софтвер и Galaxy AI
Една од најголемите причини поради кои Fold8 има смисла е софтверот. Samsung со години го оптимизира One UI за преклопни уреди, а Fold8 го користи Android 17 со One UI 9.
Мултитаскингот е во центарот на искуството. Големиот екран овозможува повеќе апликации да бидат активни истовремено, а Taskbar и App Continuity овозможуваат непречено префрлање помеѓу двата екрани.
Galaxy AI дополнително го проширува ова искуство. Samsung сака AI да биде интегриран во секојдневното користење, а не само дополнителна колекција од алатки. Од превод и сумирање текстови, преку уредување фотографии, па сè до интелигентни предлози и функции за продуктивност, Fold8 го користи големиот дисплеј за да ги направи овие алатки уште покорисни.
Особено интересни се AI функциите поврзани со камерата и видео содржините, каде Fold форматот овозможува поинаков начин на снимање и прегледување на материјалите.
Samsung исто така обезбедува долг период на софтверска поддршка, што значи дека Fold8 е уред кој не е наменет само за следните една или две години.

Заклучок
Galaxy Z Fold8 е еден од најинтересните чекори што Samsung ги направи во развојот на својата Fold серија. Не затоа што е само побрз или потенок од претходникот, туку затоа што Samsung конечно го преиспита самиот формат на Fold телефонот.
Новиот passport дизајн го прави уредот поприроден кога е затворен, надворешниот екран е поудобен за пишување и секојдневни интеракции, а внатрешниот 7,6-инчен дисплеј е создаден за подлабоко користење – читање, видео, игри, работа и мултитаскинг.
Фактот дека Fold8 сочинува речиси 40 проценти од европските преднарачки на целата нова Z серија покажува дека овој нов пристап веќе предизвика сериозен интерес кај корисниците. А вкупниот раст од над 20 проценти на преднарачките за целата Z серија покажува дека интересот за преклопните телефони продолжува да расте.

Galaxy Z Fold8 има моќен процесор, одлични дисплеи, сериозни камери, голема продуктивност и сè поголема улога на AI. Но неговата најголема иновација е многу поедноставна – формата конечно почнува да се прилагодува на начинот на кој луѓето навистина го користат телефонот. И тоа е можеби најважната порака од оваа генерација. Samsung не се обиде само да направи уште еден Fold. Се обиде да направи Fold кој е поприроден за користење.
Samsung Galaxy Z Fold8, со својот нов формат и силниот прием кај корисниците, можеби е најјасниот знак досега дека преклопниот телефон полека престанува да биде само интересен концепт и станува сè поприродна форма на смартфон.

Оценка: ⭐⭐⭐⭐⭐ (5/5)
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
| Galaxy Z Fold8 | |||
| Главен екран | 7,6 инчи* QXGA+* Динамичен AMOLED 2X Екран (2.504 x 2.256), 422 ppi 120Hz адаптивна стапка на освежување (1~120Hz) Vision booster |
||
| *Измерено дијагонално, големината на главниот екран на Galaxy Z Fold8 е 7,6 инчи како целосен правоаголник и 7,6 инчи без заоблените агли; реалната површина за гледање е помала заради заоблените агли и отворот за камерата. | |||
| Надворешен екран | 5,5 инчи* WUXGA+ Динамичен AMOLED 2X Екран (1.248 x 1.972), 428 ppi 120Hz адаптивна стапка на освежување (1~120Hz) Vision booster |
||
| *Измерено дијагонално, големината на надворешниот екран на Galaxy Z Fold8 е 5,4инчи како целосен правоаголник и 5,5 инчи без заоблените агли; реалната површина за гледање е помала заради заоблените агли и отворот за камерата. | |||
| Преклопен | 81,9 x 123,9 x 9,7mm | ||
| Отворен | 161,4 x 123,9 x 4,5mm | ||
| * Дебелината на Galaxy Z Fold8 кога е отворен не ја вклучува рамката на Главниот екран. | |||
| Тежина | 201 gr | ||
| Надворешна камера | 10MP Селфи камера
F2.2, Големина на пиксел: 1.12μm, FOV: 85˚ |
||
| Главна камера | 10MP Главна камера
F2.2, Големина на пиксел: 1.12μm, FOV: 100˚ |
||
| Задна двојна камера | 50MP Широко-аголна камера
Dual Pixel AF, OIS, F1.8, Големина на пиксел: 1.0μm, FOV: 85 2X зум со оптички квалитет |
||
| 50MP Ултра широка камера
Quad Pixel AF, F1.9, Големина на пиксел: 0.7μm, FOV: 120˚ |
|||
| AP | Snapdragon® 8 Elite Gen 5 за Galaxy | ||
| *Snapdragon е производ на Qualcomm Technologies, Inc. и/или нејзините подружници. Snapdragon е заштитен знак или регистриран заштитен знак на Qualcomm Incorporated. | |||
| Меморија и простор за складирање | 16GB меморија со интерен простор за складирање од 1TB 12GB меморија со интерен простор за складирање од 512GB 12GB меморија со интерен простор за складирање од 256GB |
||
| *Достапноста може да варира во зависност од регионот и продажниот канал. Опциите за простор за складирање и достапноста може да варираат во зависност од добавувачот, земјата и регионот. | |||
| Батерија
|
4.800 mAh (типична) двојна батерија | ||
| *Типична вредност тестирана во лабораториски услови од трета страна. Типичната вредност е естимирана просечна вредност имајќи ја предвид девијацијата во батерискиот капацитет помеѓу примероците батерии тестирани под стандардот IEC 61960. Оценетиот капацитет е 4,660mAh за Galaxy Z Fold8. Реалниот век на батеријата може да варира во зависност од мрежната средина, корисничките навики и други фактори. | |||
| Полнење* | Жично полнење*: До 63% полнење за околу 30 мин. со адаптер од 45 W и 3A USB-C кабел** Брзо безжично полнење со 20 W*** Wireless PowerShare**** |
||
| *Полнење со кабел компатибилно со QC2.0 и AFC. Резултати од интерни лабораториски тестови на Samsung, спроведени со 45W адаптер за патување додека уредот има преостанати 0% батерија, со сите услуги, карактеристики и екран исклучени. Реалното време на полнење може да варира во зависност од реалното користење, условите на полнење и други фактори. **Адаптерот за полнење од 45W се продава засебно. Употребувајте само кабли и полначи одобрени од Samsung. ***Безжично полнење компатибилно со WPC. **** Wireless PowerShare е ограничено на Samsung или други брендови паметни телефони со WPC Qi безжично полнење. Може да не функционира со одредени додатоци, навлаки, уреди од други брендови. Може да влијае на примање на повик или услуги со проток на податоци, во зависност од мрежната средина. |
|||
| Отпорност на вода | IP48 | ||
| *На основа на лабораториски тест услови за потопување во до 1,5 метри свежа вода до 30 минути. Не се препорачува за употреба на плажа или во базен. Исплакнете ги остатоците и исушете ако е влажно. Водоотпорноста на уредот не е трајна и со текот на времето може да се намали поради нормалното абење и трошење. | |||
| Оперативен систем (OS) | Android 17 One UI 9 |
||
| Мрежа и поврзаност | 5G*, LTE**, Wi-Fi 7***, Bluetooth® v 6.0 | ||
| *Потребна е оптимална 5G мрежна поврзаност, достапна на одредени пазари. Проверете со продажниот партнер за достапност и детали. Брзините за симнување и стриминг може да варираат во зависност од провајдерот на содржини, поврзаноста на серверот и други фактори. **Достапноста на LTE модел варира во зависност од пазарот и продажниот партнер. Реалната брзина може да варира во зависност од пазарот, операторот и корисничката средина. ***Wi-Fi мрежната достапност може да варира во зависност од пазарот, мрежниот провајдер и корисничката средина. Потребна е оптимална конекција. Потребен е Wi-Fi 7 рутер. |
|||
| Бои | Графитна, Крем, Лаванда* | ||
| *Достапноста на боите може да варира во зависност од пазарот, регионот или продажниот партнер. | |||

