Компанијата официјално го најави настанот „Surprise and Shine“, кој треба да донесе нови iPhone и Apple Watch модели, a се очекува да бидат објавени и датумите за новите софтверски ажурирања.
Apple го најави својот традиционален септемвриски настан за 9 септември, на кој компанијата се очекува да ја претстави новата генерација на iPhone, како и нови модели на Apple Watch и други уреди.
Настанот ќе се одржи во кампусот на Apple Park во Купертино, Калифорнија, со почеток во 10:00 часот по локално време (19 часот по македонско време). Овогодишниот настан го носи слоганот „Surprise and Shine“, а ќе биде достапен и за следење во живо преку интернет.
Во центарот на вниманието се очекуваат iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, но најголемата новина би требало да биде првиот преклопен iPhone на Apple. Според досегашните информации, тој би можел да го носи името iPhone Ultra и ќе има дизајн сличен на книга. Се очекува да има екран од околу 5,5 инчи кога е склопен и 7,6 инчи кога е отворен, при што отворениот уред би нудел искуство слично на iPad.
Преклопниот iPhone би можел да донесе и неколку компромиси поради тенкиот дизајн. Наместо Face ID, уредот наводно ќе користи Touch ID, а се очекува да нема телефото камера. Ова би било најголемата промена во дизајнот на iPhone уште од претставувањето на iPhone X во 2017 година.
Новите iPhone 18 Pro модели, според досегашните информации, ќе го користат A20 Pro чипот изработен со 2nm процес, што би требало да донесе подобри перформанси и поголема енергетска ефикасност. Можно е Pro моделите да добијат и надградена главна камера со променлива бленда, додека генералниот дизајн би останал сличен на актуелната Pro серија. Се очекува и можност за повисоки цени поради недостигот на мемориски компоненти.
Интересно е што Apple оваа година наводно нема да го претстави стандардниот iPhone 18. Поевтините модели би требало да пристигнат во пролетта 2027 година, со што Apple прави значајна промена во досегашниот распоред на лансирање на iPhone.
Покрај iPhone, Apple се очекува да ги претстави Apple Watch Series 12 и Apple Watch Ultra 4. Постои можност на настанот да бидат прикажани и нови уреди за паметен дом, меѓу кои долгоочекуваниот Home Hub, нова генерација на Apple TV 4K и надградена верзија на HomePod mini.
Apple на настанот би требало да ги објави и датумите за официјалното објавување на iOS 27, iPadOS 27, macOS Golden Gate и останатите софтверски платформи.
Настанот на 9 септември ќе може да се следи во живо преку официјалната веб-страница на Apple, YouTube и Apple TV апликацијата. За Apple, ова би можел да биде еден од најзначајните септемвриски настани во последните години, особено поради долгоочекуваниот преклопен iPhone.

