Meta додава нова функција на Instagram која треба да го олесни уредувањето кратки видеа.
Функцијата наречена First Draft може автоматски да ги отстранува тишината и паузите од снимките, овозможувајќи поголемиот дел од времето поминато во уредување да биде посветен на креативните одлуки, наместо на средувањето на видеото.
За користење на новата функција, од Instagram велат дека потребно е само да ги изберете снимките од галеријата за Reels и да допрете на First Draft. Функцијата потоа ги анализира снимките, соодветно ги скратува и ги поставува на временска линија каде што можете да ги прегледате. Потоа можете дополнително да ги уредувате во апликацијата или директно да ги објавите на вашиот Feed или Story. Meta наведува дека First Draft ќе може да се користи и веднаш откако ќе снимите нов материјал на Instagram.
Meta во април 2025 година го претстави Edits, самостојна апликација за уредување видеа со различни функции за уредување кои ги користат можностите на вештачката интелигенција, а кои треба да го олеснат креирањето Reels видеа. Вештачката интелигенција воопшто не се споменува во објавата на компанијата за функцијата First Draft, а причината, како што пишува The Verge, е тоа што оваа функција не ја користи оваа технологија.

Тоа би можело да биде затоа што Meta технички го класифицира First Draft како функција базирана на „машинско учење“, а не на вештачка интелигенција, но сепак станува збор за забележлива промена за Instagram.
Во последно време, апликацијата за споделување фотографии и видеа стана место за различни експерименти со вештачка интелигенција – од одлуката на Meta да го воведе Meta AI во пораките на Instagram, до функцијата која овозможува да побарате од Instagram автоматски да ги уредува вашите Story објави.
Ниту една од овие функции не изгледаше особено неопходна за основното искуство при објавување содржина, поради што корисноста на функцијата First Draft особено се истакнува.
Meta наведува дека First Draft најпрво ќе биде достапен за iOS, но засега не објави кога функцијата ќе пристигне на Android.


