Компанијата на Елон Маск и претставници на американската сојузна држава објавија дека новиот вселенски комплекс ќе се наоѓа на 125.000 хектари земјиште долж јужниот брег на Луизијана, околу 322 километри западно од Њу Орлеанс.
Властите наведуваат дека локацијата има значајни предности, меѓу кои пристап до големи резерви на природен гас и можност за лансирање во широк спектар орбити.
Според соопштението на Louisiana Economic Development, ова би бил четвртиот и најголем центар за лансирање на компанијата, со важна улога во проширувањето на мисиите на повеќекратно употребливиот систем Starship. SpaceX сака значително да го зголеми бројот на лансирања на ракети со цел да постави повеќе сателити во орбитата, а локацијата во Луизијана би можела да поддржи илјадници лансирања годишно.
Гувернерот на Луизијана, Џеф Лендрy, договорот го претстави како голем успех за сојузната држава и за САД.
„Ова е ништо помалку од трансформативен момент“, изјави тој.

Фото: AP
На настанот говореше и претседателката и главна оперативна директорка на SpaceX, Гвин Шотвел, додека Маск се појави во промотивно видео.
Проектот предизвика и загриженост кај дел од јавноста. Ен Ролфс од еколошката организација Louisiana Bucket Brigade предупреди дека проектот би можел неповратно да го промени чувствителниот крајбрежен појас на сојузната држава.
„Ова треба да се направи внимателно – преку јавни расправи и транспарентен процес кој ќе им даде време на луѓето да го разберат и разгледаат проектот“, порача таа.
Шотвел изјави дека SpaceX планира поголем дел од локацијата да остане неизграден и да помогне во обновувањето и заштитата на теренот, вклучително и во борбата против губењето на земјиштето како последица на ерозијата.
Државните претставници наведуваат дека проектот би можел да отвори 3.000 работни места во период од десет години.

