Апликацијата на Meta воведува алфанумерички лозинки во двостепената верификација, обезбедува повеќе информации за непознатите повикувачи и ја проширува поддршката за passkey клучеви на повеќе уреди истовремено.
Апликацијата за размена на пораки WhatsApp најави воведување нови безбедносни функции со цел дополнително да ги заштити корисничките сметки. Покрај веќе постоечката end-to-end енкрипција, апликацијата го надградува системот за двостепена верификација на идентитетот и воведува дополнителни алатки за препознавање непознати повикувачи, како и поедноставно најавување на повеќе уреди.

Подобри лозинки и информации за повикувачот
Првата значајна промена се однесува на двостепената верификација, која служи како заштита од преземање на сметката во случаи кога трета страна ќе дојде до еднократниот код за пристап. Досегашниот шестцифрен PIN ќе може да биде заменет со целосна лозинка со подолги алфанумерички комбинации и специјални знаци, со што значително се намалува можноста за погодување на лозинката.
Дополнително, се воведува и повеќе контекст при дојдовни повици од броеви што не се зачувани во именикот на корисникот. На уредите со оперативен систем Android ќе се прикажуваат проширени информации за непознатиот повикувач, вклучително и информација дали бројот потекнува од странска земја и дали постојат заеднички групи со примателот на повикот. Целта на оваа нова функција е да се намали ризикот од телефонски измами.

Една милијарда корисници на passkey
На крајот, WhatsApp наведува дека функцијата за пристапни клучеви (passkey) досега ја прифатиле повеќе од една милијарда корисници. Овој систем овозможува најавување на сметката преку отпечаток од прст, препознавање на лице или кодот за отклучување на екранот, со што се елиминира потребата од внесување класични кодови или PIN-ови.
Новина кај функционалноста на пристапните клучеви е можноста за додавање повеќе од еден клуч на една сметка. Тоа им овозможува на корисниците кои истовремено ја користат апликацијата на Android и iOS поедноставен пристап и верификација на идентитетот на сите платформи.
Поставките за новите безбедносни опции и активирањето на пристапните клучеви се достапни во апликацијата преку Поставки > Сметка > Пристапни клучеви.


