Ексклузивна видео рецензија на новите преклопни смартфони од Galaxy Z серијата на Samsung – Galaxy Z Fold8, Galaxy Z Fold8 Ultra и Galaxy Z Flip8
Веб-порталот за технологија, иновации и бизнис Конект.мк е единствениот медиум во Македонија, но и во регионот, кој подготви ексклузивна и детална видео рецензија на новата Samsung Galaxy Z8 серија, која ја сочинуваат новите смартфони на преклоп Galaxy Z Fold8, Galaxy Z Fold8 Ultra и Galaxy Z Flip8.
Samsung по седум години доминација на пазарот на преклопни телефони, ова лето реши да излезе од својата комфорна зона и да претстави нешто сосема ново и поинакво. Компанијата целосно ги промени правилата на сопствената игра и по повеќегодишно усовршување на еден концепт, годинава одлучи да направи радикално поинаков Galaxy Z Fold.
Но, она што е најинтересно е што новиот концепт го носи старото име, бидејќи досегашниот модел доби ново Ultra име. Новиот Fold едноставно се вика Galaxy Z Fold8, додека досегашниот Fold, кој ја продолжува линијата на минатогодишниот модел, сега го носи името Galaxy Z Fold8 Ultra. Наместо досегашните два модели, заедно со новиот Flip8, годинава добивме три нови Galaxy Z телефони, а најголемо внимание несомнено привлекува токму Galaxy Z Fold8.
Fold8 Ultra е првиот Ultra модел во историјата на Galaxy Z серијата и носи најголем дисплеј, најнапреден систем на камери и најголема батерија од трите уреди. Сепак, Samsung овојпат не го направи Ultra моделот единствената ѕвезда на презентацијата. Galaxy Z Flip8 останува најкомпактното решение за оние кои сакаат телефон што може да се свитка во исклучително мало куќиште, но и тој добива неколку важни подобрувања, особено во поглед на перформансите и функционалноста на надворешниот екран.
Но, Galaxy Z Fold8 е уредот кој најмногу отстапува од досегашната филозофија на Samsung. И тука не станува збор само за нов процесор, подобри камери или потенка конструкција. Samsung конечно го промени самиот облик на Fold телефонот – и токму тоа може да биде најважната промена во целата осма генерација.

