Тим Кук упати емотивна порака до вработените и корисниците, истакнувајќи дека неговата улога се менува, но неговата поврзаност со компанијата и Apple заедницата останува.
По 15 години на чело на Apple, Тим Кук денеска го има својот последен ден како Извршен директор. Од утре компанијата официјално ја презема Џон Тернус, додека Кук останува во Apple како Извршен претседател.
Тим Кук денеска им се обрати на вработените во Apple со емотивна порака по повод неговиот последен ден на функцијата извршен директор. Кук ја презеде позицијата во 2011 година, наследувајќи го Стив Џобс, а од утре неговата улога во компанијата значително се менува.
„Ова е момент за кој отсекогаш знаев дека еден ден ќе дојде, а сепак тешко е да поверувам дека пристигна“, порача Кук во меморандумот до вработените. Тој им се заблагодари на тимот на Apple и на сите со кои работел во изминатите 15 години, истакнувајќи дека успехот на компанијата никогаш не бил резултат на еден човек.
Според Кук, најголемото достигнување на Apple не може да се измери преку бројките во годишните извештаи. Тој ја издвојува културата на компанијата и заедничката верба дека производите што ги создаваат треба да имаат позитивно влијание врз светот.

И покрај заминувањето од позицијата CEO, Кук нагласува дека не го напушта Apple.
Од 1 септември тој ќе биде извршен претседател на компанијата, додека Џон Тернус ќе стане нов извршен директор. Apple уште во април официјално потврди дека Тернус ќе го наследи Кук, по процес на долгорочно планирање на наследувањето.
„Се повлекувам од улога која длабоко ја сакав“, вели Кук, додавајќи дека ќе му недостига водењето на компанијата, но дека има огромна доверба во Тернус.
За својот наследник тој вели дека е еден од ретките луѓе кои целосно разбираат што е потребно за создавање производи кои можат да го променат светот.

Кук денеска испрати порака и до целата Apple заедница.
„Мојата титула се менува утре, но љубовта што ја имам кон Apple заедницата никогаш нема“, порача тој, заблагодарувајќи им се на корисниците за инспирацијата и поддршката.
Со тоа завршува една од најдолгите ери на едно лице на врвот на Apple. Кук ја водеше компанијата од 2011 година, период во кој Apple значително го прошири своето портфолио со производи како Apple Watch и AirPods, но и изгради огромен бизнис со услуги.
Сега вниманието се префрла кон Џон Тернус, кој ја презема функцијата во момент кога Apple се подготвува за нова генерација производи и за големи промени во стратегијата поврзана со вештачката интелигенција.
Неговиот прв голем момент како CEO ќе дојде многу брзо: Apple на 9 септември ќе го одржи својот следен голем настан за претставување на нови производи.

