Apple би можел да ја вгради технологијата MagSafe и во својот прв преклопен iPhone, и покрај исклучително тенкиот дизајн на уредот.
Преклопниот Phone Ultra на Apple најверојатно ќе поддржува MagSafe полнење, откри Марк Гурман од Bloomberg во интервју за Tom’s Guide. Оваа информација доаѓа откако претходно протекоа макети на уредот кои не го прикажуваа препознатливиот магнетен прстен за MagSafe.
Макетите на iPhone Ultra кои се појавија во април немаа MagSafe прстен, за разлика од макетите на iPhone 18 Pro. Од друга страна, протечените заштитни маски за преклопливиот модел имаа отвор за MagSafe, што дополнително создаде дилема околу тоа дали телефонот навистина ќе ја поддржува технологијата.

Сепак, Гурман вели дека сите информации до кои дошол укажуваат дека MagSafe ќе биде дел од преклопливиот iPhone.
„Сите индикации што ги имам се дека MagSafe ќе биде присутен кај овој преклоплив телефон. Apple успеа да го вгради и во iPhone Air, па не гледам зошто не би можела да го вгради и во преклопливиот модел“, вели Гурман.
Вградувањето на MagSafe во iPhone Ultra беше доведено во прашање поради неговата наводна исклучително мала дебелина. Според досегашните информации, уредот ќе биде дебел само 4,5 милиметри кога е целосно отворен.
Поради ограничениот простор, iPhone Ultra наводно нема да има хардвер за Face ID, туку би можел да користи Touch ID за биометриска идентификација.
Што се очекува од iPhone Ultra?
Според Гурман, преклопniot iPhone би можел да донесе голем број промени во однос на актуелните модели на Apple:
- Цена од над 2.000 долари
- Надворешен екран од 5,5 инчи кога телефонот е затворен
- Внатрешен екран од 7,8 инчи кога е целосно отворен
- Краток и поширок дизајн, налик на пасош
- Најнов модем на Apple, најверојатно C2
- Најнов чип на Apple, A20 Pro
- Главна и ултраширока камера
- Без телефото камера
- Издржлива шарка
- Минимално забележлив преклоп на внатрешниот екран
Apple, наводно, посветила големо внимание и на софтверот, со цел апликациите автоматски да се приспособуваат на различните големини на екранот во зависност од тоа дали телефонот е отворен или затворен.

Пристигнува заедно со iPhone 18 Pro?
Apple треба да го претстави преклопniot iPhone заедно со моделите од серијата iPhone 18 Pro на специјалниот настан „Surprise and Shine“, кој ќе се одржи на 9 септември.
Иако претходно се појавија информации дека iPhone na preklop би можел да биде одложен и да пристигне по моделите iPhone 18 Pro, Гурман вели дека би бил „многу изненаден“ доколку уредот не биде достапен во исто време со Pro моделите или многу брзо по нив.
Според него, најверојатно станува збор за ист датум на лансирање, односно паралелно претставување со iPhone 18 Pro, или за достапност на преклопливиот модел само неколку недели подоцна.
Гурман не верува во сценарио според кое iPhone Ultra би бил одложен до крајот на октомври или ноември поради проблеми со синџирот на снабдување.

