Џон Тернус официјално ја презеде функцијата извршен директор на Apple, наследувајќи го Тим Кук, кој по повеќе од 15 години на чело на компанијата премина на позицијата извршен претседател.
На својот прв ден како CEO, Тернус испратил порака до вработените во Apple во која му се заблагодарил на Кук за неговото лидерство, но и ја споделил својата возбуда за иднината на компанијата.
„Чест ми е што ја преземам оваа улога во она што навистина е најголемата компанија во светот и многу сум возбуден за сè што ни претстои“, напишал Тернус во пораката до вработените.
Тој особено го пофалил Кук за начинот на кој ја водел компанијата и за неговиот придонес во Apple.
„Имавме голема среќа да имаме извршен директор кој водеше со своите вредности, со пристојност и човечност. Сите сме подобри поради тоа и многу сум благодарен што тој ќе биде наш извршен претседател“, навел Тернус.

Новиот CEO истакна дека Apple веќе се подготвува за голем настан следната недела, кој според него ќе биде „феноменален“. Станува збор за септемврискиот настан на 9 септември, на кој се очекува Apple да ја претстави новата генерација на iPhone.
Сепак, Тернус не се фокусира само на производите што наскоро ќе бидат претставени. Тој посочуба дека е особено возбуден и за производите кои веќе се развиваат, како и за оние што Apple допрва ќе ги замисли и креира.
„Нема тим во светот со кој повеќе би сакал да ја градам иднината“, напишал тој.
Од инженер до CEO
Тернус е долгогодишен член на Apple. Во компанијата се приклучил во 2001 година, а пред да стане извршен директор беше на позицијата виш потпретседател за хардверско инженерство.
За разлика од Тим Кук, кој има силна оперативна и менаџерска позадина, Тернус доаѓа од инженерскиот и продуктниот дел на Apple. Токму неговото искуство во развојот на хардверот се смета за една од клучните карактеристики на новата ера на компанијата.

Со неговото доаѓање на чело на Apple веќе започнаа промени во раководната структура. Џони Сруџи ја презеде функцијата главен директор за хардвер и го води тимот за хардверско инженерство кој претходно беше под раководство на Тернус.
Тернус, пак, својата прва голема презентација како CEO ќе ја има на 9 септември. Иако и претходно се појавуваше на сцената за време на Apple настани, претстојниот iPhone настан ќе биде првиот на кој ќе настапи во улога на извршен директор на компанијата.
Тим Кук на својот последен ден како CEO порача дека има „огромна сигурност“ што лидерството на Apple му го предава на „некого толку брилијантен, прекрасен и способен како Џон“.
Со тоа, по повеќе од една деценија, Apple влегува во нова ера со лидер кој кариерата ја изгради првенствено во развојот на производите и хардверот.

