Tecno на саемот IFA 2026 го прикажа концептот на телефон без рамки околу екранот, со AMOLED панел од 144 Hz и двојно стакло
Компанијата Tecno ги изненади посетителите на саемот IFA 2026 во Берлин со нов концептуален телефон. Уредот практично воопшто нема видливи црни рамки околу самиот екран. Тој е првиот уред од ваков тип што е прикажан во живо.
Трката за целосно отстранување на рамките во последните години забави. Сепак, Tecno повторно го активираше развојот на оваа технологија преку иновативно механичко решение. Телефонот нуди уникатно визуелно искуство при кое содржината навистина се протега од раб до раб.
Екранот, односно површината за гледање, директно се спојува со куќиштето на телефонот. Нема црна лента, нема маски – навистина екран од раб до раб.

Комплексен механизам за прикривање на рабовите
Отстранувањето на видливите рамки барало целосно нов пристап кон изработката на самиот телефон. Производителот користи двојно заштитно стакло со посебна функција. Како што може да се види на скицата на механичките делови, долниот слој на стаклото ја обвиткува металната рамка и ги прикрива неактивните делови од екранот.
Покрај тоа, Tecno морал целосно да го преиспита стандардниот процес на склопување на уредот. Модулот на дисплејот се поставува од задната страна на куќиштето, додека специјално лепило го држи предниот слој на стаклото на место.
Тестирањата на издржливоста сè уште се во тек, но од Tecno велат дека засега сè оди според планот. Не би требало да има проблеми кога уредот ќе влезе во сериско производство.
ИФА
Впечатоци при користење и споредба со конкурентите
Искуството при користење на овој концептуален телефон навистина изгледа импресивно, пишува GSMArena. Сите елементи на корисничкиот интерфејс и апликациите изгледаат значително поблиску до корисникот.
Уредот, меѓу другото, бил директно спореден со моделот iPhone 17 Pro Max. Тој модел има исклучително тенки рамки од само 1,36 милиметри. Сепак, концептот на Tecno визуелно нуди уште поголемо ниво на целосно потопување во содржината, како што денес модерно се вели.
На самиот долен дел од екранот се забележуваат само минимални траги од црни линии, за кои навистина ќе треба добро да се загледате. Или да користите лупа, ако не ги забележите од прва…
Решавање на проблемот со допирот и напредниот екран
Недостигот на класична рамка создава и нови практични предизвици за корисниците. Поради тоа што нема место каде што може да се потпрат прстите, Tecno морал целосно да ја приспособи чувствителноста на допир.
Софтверскиот интерфејс исто така претрпел измени за да се спречат случајни допири. Инженерите на компанијата истакнуваат дека овие решенија отвораат пат за идните сериски премиум модели.
Хардверски спецификации и лесна конструкција
Овој концептуален телефон има AMOLED екран со дијагонала од 6,78 инчи и резолуција од 1,5K. Екранот нуди исклучително брзо освежување од 144 Hz за непречено прикажување на содржината.
Самиот уред делува многу тенко и лесно во рака. Производителот ги искористил хардверските компоненти и дизајнот на неодамна најавениот модел Tecno Camon Slim.
Прикажаниот концепт покажува дека екран без рамки и висока функционалност сепак се остварлива иднина. Кога? Останува да почекаме и да видиме…

