Според новите гласини, Apple би можел во пролетта 2027 година да ги спои претстојниот iPhone Air 2 и стандардниот iPhone 18 во еден уред и на тој начин да ја поедностави понудата на своите паметни телефони.
Додека пазарот оваа недела полека се загрева за iPhone 18 Pro и целосно новиот преклопен iPhone Ultra, кои ќе бидат претставени во среда во Купертино, на социјалните мрежи се појавија и неофицијални информации за уредите чие претставување би требало да се случи следната пролет. Имено, според она што на X го објавува профилот @earlyappleleaks, Apple размислува за значителна промена во својата стратегија за претставување паметни телефони.
Air како основа на понудата
Наместо одделно претставување на моделите iPhone Air 2 и стандардниот iPhone 18, како што е моментално случајот со првиот Air и моделот 17, компанијата би можела да се откаже од класичниот iPhone 18. Тој целосно би можел да биде заменет со претстојниот iPhone Air 2. Доколку овие планови се реализираат, Air 2 би станал новиот „стандардeн“ iPhone, а на пазарот би пристигнал со почетна цена од 999 долари.

Оваа потенцијална одлука пред сè би имала за цел поедноставување на понудата на уреди на Apple. Наместо на купувачите да им нуди две различни варијанти надвор од популарната Pro линија, компанијата со спојувањето на овие модели би создала единствен основен уред кој би го покривал стандардниот сегмент од понудата.
За повеќето просечни корисници, таквиот модел веројатно би бил и поприфатлив од класичниот модел 18, кој – доколку не дојде до промена – многу веројатно би бил „копија“ на моделите 16 и 17, што би можело послабо да помине на пазарот. Од друга страна, тенкиот профил на Air би внел доза свежина во понудата на основниот модел.
Одделен циклус на претставување
Овој потег се вклопува и во поновиот пристап на Apple за одделно лансирање на телефоните во две сезони. Според тој распоред, понапредните Pro модели и новите преклопни уреди се предвидени за есента оваа година, додека попристапните модели би пристигнале во пролетта 2027 година.
Во рамки на пролетниот бран на претставувања би биле iPhone 18e, опремен со екран со стапка на освежување од 120 Hz, кој би ја презел позицијата на влезен модел, и iPhone Air 2, кој би бил позициониран како новиот стандарден iPhone.

Досега објавените рендери на iPhone Air 2 укажуваат дека овој уред ќе го задржи исклучително тенкиот профил, но и дека ќе донесе значителни хардверски подобрувања во однос на претходникот.
Меѓу клучните промени се издвојуваат додавањето на втора задна камера со ултраширок агол, нешто поголема и понапредна батерија, како и втор надворешен звучник – технички додатоци што му недостигаа на првиот Air за навистина да биде полноправен основен модел.
Покрај тоа, за следната генерација на овој модел се споменува и можно користење титаниумска конструкција, но и оваа информација засега останува на ниво на непотврдена гласина.

