Xiaomi 18 Fold носи широк преклопен формат, два екрани со освежување од 120 Hz, сопствен Xring O3 SoC и главна камера од 200 MP. Ќе се продава исклучиво во Кина.
Xiaomi го претстави 18 Fold, својот прв преклопен телефон со широк формат, со кој компанијата влегува во нешто поинаков сегмент од пазарот на преклопни уреди. За разлика од досегашните модели од серијата Mix Fold, новиот 18 Fold користи пошироко и покомпактно куќиште, кое треба да овозможи поприроден формат на екранот кога уредот е расклопен.
Со ваквиот пристап, Xiaomi 18 Fold се позиционира и како своевиден кинески конкурент на првиот преклопен iPhone на Apple, чие претставување е закажано за 9 септември и за кој веќе подолго време се најавува сличен, поширок формат.

Xiaomi го претстави својот модел само два дена пред настанот на Apple, а интересно е и тоа што го нуди во црвена боја, слична на нијансата која претходно се споменуваше во гласините за преклопниот iPhone.
Главниот преклопен екран на Xiaomi 18 Fold има дијагонала од 7,58 инчи и резолуција од 2.364 × 1.672 пиксели, додека на надворешната страна се наоѓа екран од 5,38 инчи со резолуција од 1.168 × 1.712 пиксели.
Двата екрани имаат сооднос на страниците 2:1, стапка на освежување од 120 Hz и декларирана максимална осветленост до 4.000 нити, а надворешниот екран дополнително е заштитен со стаклото Shield Glass 3.0 на Xiaomi.

Кога е склопен, телефонот има димензии од 117,8 × 83,6 × 10,68 милиметри, додека во расклопена состојба димензиите изнесуваат 117,8 × 163,8 × 5,02 милиметри. Тежината е 219 грама.
Xiaomi 18 Fold го придвижува Xring O3, сопствениот чипсет на Xiaomi, кој компанијата го разви како основа за своите уреди од високата класа.
Телефонот е достапен со 12 или 16 GB RAM и 256 GB, 512 GB или 1 TB интерна меморија. Треба да се напомене дека моделите со 16 GB RAM користат понова LPDDR6 меморија, додека верзиите со 12 GB доаѓаат со LPDDR5X меморија.
На задната страна се наоѓа систем со три камери, предводен од Samsung ISOCELL HP5 сензор со резолуција од 200 MP. Со него доаѓа перископска телефото камера од 50 MP, со фокусна должина еквивалентна на 80 mm и 3,5-кратен оптички зум.
Xiaomi наведува и можност за 7-кратен „lossless“ зум, еквивалентен на фокусна должина од 160 mm, со користење на исечок од сензорот.
Третата задна камера е ултраширока, исто така со резолуција од 50 MP. За видеоповици и селфи фотографии се вградени две камери од 16 MP, по една на надворешниот и на внатрешниот екран.
И покрај релативно тенкото куќиште, Xiaomi во 18 Fold вградил батерија со капацитет од 6.000 mAh. Станува збор за батерија со 20 проценти удел на силициум, технологија која овозможува поголема енергетска густина во споредба со конвенционалните батерии.
Поддржано е жично полнење со моќност до 67 W, додека безжично батеријата може да се полни со моќност до 50 W.

Xiaomi 18 Fold од кутијата доаѓа со HyperOS 4, базиран на Android 17. Скенерот за отпечатоци не е поставен под екранот, туку е интегриран во страничното копче за вклучување на уредот.
Тука се и стерео звучниците со поддршка за Dolby Atmos. Телефонот ќе биде достапен во црна, црвена и златна боја, а Xiaomi подготви и специјална керамичка верзија.
Почетната конфигурација на Xiaomi 18 Fold со 12 GB RAM и 256 GB меморија во Кина чини 10.999 јуани, односно околу 1.310 евра.
Засега Xiaomi не планира продажба на 18 Fold надвор од Кина.

