iPhone 18 Pro серијата носи нова 48 MP камера со променлива бленда, нов A20 Prro и значително подобрена батерија
Apple официјално ги претстави iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, новите најмоќни модели во својата смартфон понуда, со значителни надградби кај камерите, перформансите, автономијата и вештачката интелигенција.
Една од најголемите новини е 48 MP главната Fusion камера со променлива бленда, која за првпат кај iPhone овозможува рачно прилагодување на отворот на блендата. Системот користи шест ласерски исечени ламели кои автоматски ја менуваат блендата во зависност од условите, а корисниците можат и рачно да избираат меѓу четири поставки преку новите Pro контроли во апликацијата Camera.

Променливата бленда овозможува поголема контрола врз длабочината на полето и експозицијата, а Apple ветува и подобри фотографии при слаба осветленост и повеќе детали, особено кај групните фотографии. Новиот процес за компјутерска обработка на фотографиите, како и надградените Photographic Styles со контроли за текстура и зрнест изглед, дополнително ја прошируваат можноста за прилагодување на фотографиите.
Нови Pro контроли и подобрено видео
iPhone 18 Pro носи и нов интерфејс со Pro контроли во Camera апликацијата, преку кој корисниците можат директно да менуваат параметри како бленда, брзина на затворачот и баланс на белата боја. Достапен е и хистограм за следење на експозицијата.
Видео можностите исто така се проширени. Cinematic ефектите сега можат да се применуваат и по снимањето, кај видеа до 60 fps, додека Time-lapse снимањето поддржува 4K резолуција и Dolby Vision HDR. Подобрен е и Audio Mix, со нови алгоритми за поквалитетни гласови и подобро одвојување на музиката.
Особено интересна новина е Apple Reference Image, функција со која Apple сака да понуди начин за проверка на автентичноста на фотографиите. Во посебен Reference режим, сензорот создава потпишани податоци кои се обработуваат преку Private Cloud Compute и се користат за создавање референтна, непроменлива верзија на фотографијата. Таа потоа може визуелно да се спореди со обработената фотографија.

Помал Dynamic Island со повеќе информации
Apple го редизајнираше и Dynamic Island, кој сега зафаќа помалку простор и може истовремено да прикажува до три Live Activities.
Притоа, Dynamic Island продолжува да ја поддржува Face ID технологијата за отклучување на телефонот, автентикација на плаќања и најавување во апликации.
A20 Pro – 2 nm процесор со поголем фокус на AI
Во срцето на новите модели се наоѓа A20 Pro, изработен со најнова 2 nm технологија.
Чипот има шестјадрен CPU со интегрирани Neural Accelerators, седумјадрен GPU и нов Dual 16-core Neural Engine. Apple наведува дека A20 Pro има 50 проценти поголем мемориски пропусен опсег во споредба со A19 Pro, додека GPU перформансите се до 40 проценти повисоки.
Neural Engine системот има вкупно 32 јадра, со што е удвоена AI процесорската моќ во однос на претходната генерација.
За поврзување е задолжен новиот N1 чип со поддршка за Wi-Fi 7, Bluetooth 6 и Thread, додека iPhone 18 Pro ја добива и новата C2 модемска платформа на Apple.

Нов систем за ладење
Apple значително го подобрил и термалниот систем. A20 Pro е поврзан со нова парна комора (vapor chamber) со трипати поголема површина од решението кај iPhone 17 Pro.
Според Apple, ова овозможува до 40 проценти подобри перформанси при долготрајно оптоварување, што би требало да биде особено важно при играње, снимање видео и користење генеративна AI.
iPhone 18 Pro Max со најголемо подобрување на батеријата досега
Автономијата е уште една од главните точки на новата генерација. Apple наведува до 36 часа репродукција на видео кај iPhone 18 Pro, односно до 45 часа кај iPhone 18 Pro Max кај моделите со eSIM.
iPhone 18 Pro може да достигне 50 проценти полнење за околу 15 минути преку кабел, додека безжичното полнење до 50 проценти трае околу 30 минути.
Кај iPhone 18 Pro Max, само пет минути жично полнење обезбедуваат околу седум часа репродукција на видео.

Siri AI конечно станува дел од iPhone искуството
Новите Pro модели доаѓаат со iOS 27 и Apple Intelligence, а една од најзначајните софтверски новини е новата Siri AI, која ќе биде достапна во бета верзија.
Новата Siri може да користи контекст од личните информации на корисникот, вклучувајќи пораки, е-пошта и фотографии, да разбира што се прикажува на екранот и да извршува активности врз основа на тоа.
Apple дополнително ја интегрира AI функционалноста во Camera, Photos, Safari и други апликации. Компанијата нагласува дека обработката се извршува на самиот уред или преку Private Cloud Compute, со фокус на приватноста и безбедноста.

Четири бои и до 2 TB простор
iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max ќе бидат достапни во четири бои: црна, сребрена, Glacier и нова Burgundy.
Двата модели ќе се нудат со 256 GB, 512 GB, 1 TB и 2 TB простор за складирање.
Во САД, iPhone 18 Pro започнува од 1.199 долари, додека iPhone 18 Pro Max има почетна цена од 1.299 долари.
Преднарачките започнуваат на 12 септември, а официјалната продажба започнува на 18 септември.
Со iPhone 18 Pro серијата, Apple очигледно најголем акцент става на камерата и AI функционалностите, но истовремено прави значителни чекори и кај перформансите, термалното управување и автономијата. Особено интересна ќе биде споредбата со најновите премиум модели на Samsung и останатите Android производители, каде што променливата бленда и AI функциите стануваат сè поважен дел од флагшип сегментот.

