На улиците на Токио наскоро би можело да се појави нов вид „амбулантно возило“, дизајнирано за помош на хуманоидни роботи, а не на луѓе.
Јапонскиот ИТ-гигант GMO Internet Group претстави комбе наменето за транспорт на инженери, опрема за поправка, резервни делови и резервен хуманоиден робот до локацијата каде што е потребна интервенција.
Компанијата наведува дека станува збор за првото возило во Јапонија специјално дизајнирано за одржување на хуманоидни роботи.
„Ова возило носи резервен хуманоиден робот до локацијата и го заменува оштетениот хуманоиден робот“, изјави Шота Такизава, инженер во компанијата GMO Air.
Доколку поправката не може да биде завршена на лице место, оштетениот робот може да биде транспортиран назад во сервисниот центар, додека резервниот робот ја презема неговата функција.
Компанијата GMO AIR соопшти дека ја развила оваа услуга откако се соочила со проблеми кога оштетените хуманоидни роботи морале да бидат испраќани на поправка надвор од локацијата.
„Учејќи од тоа искуство, дојдовме до идејата да обезбедиме резервни хуманоидни роботи“, изјави Томохиро Учидa, извршен директор на GMO Air.
И покрај ознаките карактеристични за амбулантните возила и виолетовите светла на покривот, возилото всушност претставува мобилна сервисна работилница. Во неговата внатрешност има доволно простор за роботи, лаптопи и опрема за одржување.

Во моментов постои само едно вакво возило, сместено во седиштето на компанијата GMO во Токио, но компанијата наведува дека би можела да додаде уште возила и сервисни бази доколку побарувачката се зголеми.
„Кога хуманоидните роботи ќе станат попопуларни, ваков вид услуга ќе биде потребен“, вели Такизава.
Претставувањето на оваа услуга доаѓа во период кога се засилува конкуренцијата во областа на хуманоидните роботи, особено меѓу Кина и САД.
Кина изгради голема индустрија за производство на хуманоидни роботи, со поддршка од државни инвестиции и домашни синџири на снабдување, додека американските компании силно се натпреваруваат во областа на вештачката интелигенција и напредната роботика.
Компанијата McKinsey проценува дека пазарот на повеќенаменска роботика до 2040 година би можел да достигне вредност од околу 370 милијарди долари (315 милијарди евра).
Јапонија, која долго време беше еден од најголемите производители на индустриски роботи, сега се обидува да ја зајакне својата позиција во областа на роботиката управувана од вештачка интелигенција.
Во јуни, јапонската влада постави цел до 2040 година да воведе околу 10 милиони роботи и да ја прошири нивната примена во 18 сектори, вклучувајќи ги здравството, услужната дејност и производството.

