По повод првото издание на Finelevate Summit 2026, разговараме со Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate, компанијата што стои зад овој настан.
Разговараше: НИКОЛА БУРАГЕВ
Помеѓу прекумерниот број пилот-проекти и реалната бизнис вредност лежи вистинскиот предизвик за секоја финансиска институција денес. Во ера кога технологијата повеќе не се менува во петгодишни циклуси, туку на секои 12 месеци, компаниите што чекаат другите да го направат првиот чекор обично ја плаќаат највисоката цена за задоцнетата трансформација.
Под мотото „Иднината не чека“, претстојниот Finelevate Summit 2026 кој ќе се одржи на 16 септември во Скопје, ги собира на едно место луѓето кои реално носат одлуки, креираат регулатива и ги градат дигиталните финансии во регионот. Настанот е замислен како платформа која ги надминува класичните конференциски презентации и отвора простор за практични дискусии за дигиталниот идентитет, современите плаќања, сајбер безбедноста и градењето функционални екосистеми.
Во продолжение прочитајте го интервјуто со Виктор Крстевски за тоа зошто дигиталната трансформација не е само IT проект, каде вештачката интелигенција ќе го направи најголемото влијание, што ќе ни донесе преминот кон Agentic AI и што е потребно за идеите да се претворат во одржливи бизнис резултати.

Finelevate Summit 2026 е замислен како место каде што ќе се сретнат лидерите од финансискиот и технолошкиот сектор. Што го прави овој Summit поинаков од другите конференции и што можат учесниците да очекуваат од првото издание?
Од самиот почеток идејата беше Finelevate Digital Summit да не биде уште една конференција со презентации што завршуваат во моментот кога ќе се изгаснат светлата во салата.
Сакаме да создадеме место каде што ќе се сретнат луѓето што реално носат одлуки, креираат регулатива, градат технологии и управуваат со трансформацијата на финансиските институции.
Фокусот е на теми што веќе директно го менуваат секторот: дигитален идентитет, плаќања, вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, спречување измами, податоци, регулатива и иднината на корисничкото искуство.
Но, уште поважно, сакаме дискусиите да бидат практични. Не само „што доаѓа“, туку што можеме да направиме денес, кои модели веќе функционираат и каде се реалните пречки.
За првото издание успеавме да собереме банки, осигурителни компании, финтек компании, технолошки провајдери, регулатори, институции и експерти на едно место. За мене, токму таа комбинација е она што го прави настанот различен.
Конференцијата е под мотото „Иднината не чека“. Што за вас конкретно значи оваа порака и зошто сметате дека токму сега е вистинскиот момент за ваков регионален самит за дигиталните финансии и технологијата?
„Иднината не чека“ е многу едноставна порака, но мислам дека денес е поважна од кога било.
Технологијата повеќе не се менува во циклуси од пет или десет години. Денес, за дванаесет месеци може целосно да се промени начинот на кој клиентите комуницираат со компаниите, начинот на кој се носат одлуки или начинот на кој се извршуваат финансиски трансакции.
AI е можеби највидливиот пример, но истото се случува и со дигиталниот идентитет, инстант-плаќањата, отвореното банкарство, сајбер-безбедноста и регулативата.
Компаниите што постојано чекаат да видат што ќе направат другите обично плаќаат највисока цена за трансформацијата.
Затоа верувам дека вистинскиот момент е сега. Регионот има квалитетни банки, технолошки компании и луѓе со сериозно знаење. Она што ни треба е повеќе размена на искуства, побрзо носење одлуки и поголема храброст идеите да ги претвораме во реални решенија.

Вештачката интелигенција е една од централните теми на Самитот. Каде според вас ќе биде најголемото влијание на AI врз финансискиот сектор во следните неколку години – во корисничкото искуство, носењето одлуки, управувањето со ризици, спречувањето измами или можеби во нешто што сè уште не го препознаваме?
Не мислам дека ќе има само една област на големо влијание.
Најголемата промена ќе дојде кога AI ќе престане да биде издвоен „AI проект“ и ќе стане дел од секојдневното функционирање на финансиската институција.
Ќе го гледаме во корисничката поддршка, персонализацијата и продажбата, но истовремено и во донесувањето кредитни одлуки, откривањето измами, управувањето со ризици, усогласеноста со регулативата, развојот на софтвер и внатрешната оперативна ефикасност.
Особено интересен ќе биде преминот од генеративен AI кон agentic AI, каде што системите нема само да анализираат или предлагаат, туку ќе можат да извршуваат цели деловни процеси во рамки на јасно дефинирани правила и контроли.
Сепак, технологијата е само половина од приказната. Победници ќе бидат институциите што ќе успеат да ги поврзат вештачката интелигенција, квалитетните податоци, управувањето и јасно дефинираната деловна вредност.
Најголемата грешка би била да мериме колку AI проекти сме започнале, наместо колку реална вредност сме создале.
На конференцијата ќе се сретнат банки, осигурителни компании, финтек компании, технолошки провајдери, регулатори и јавни институции. Кој е најважниот разговор што сакате да се случи меѓу овие различни чинители и со каква конкретна вредност би сакале учесниците да си заминат од Самитот?
Најважното прашање е: што можеме да изградиме заедно што ниту еден од овие чинители не може успешно да го изгради сам?
Дигиталните финансиски услуги зависат од цели екосистеми. Банката може да има одлична апликација, но ако немаме функционален дигитален идентитет, интероперабилни регистри, модерна платежна инфраструктура и јасна регулаторна рамка, целото корисничко искуство останува ограничено.
Истото важи и за вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и спречувањето измами.
Би сакал учесниците да си заминат од овој настан со нова идеја, нов контакт, нов партнер или конкретна иницијатива што можат да ја започнат веднаш.
Ако од конференцијата произлезат реални соработки, нови проекти или одлуки што ќе го забрзаат развојот на секторот, тогаш сме ја постигнале целта.

Дигиталната трансформација веќе не е само прашање на воведување нова технологија, туку и на промена на начинот на кој компаниите размислуваат и работат. Кои се, според вашето искуство, најголемите грешки што финансиските институции ги прават кога се обидуваат да се трансформираат?
Најчестата грешка е трансформацијата да започне од технологијата, наместо од бизнис резултатот што сакаме да го постигнеме.
Компаниите понекогаш купуваат платформа затоа што е модерна, започнуваат AI иницијатива затоа што сите зборуваат за AI или имплементираат нов систем без јасно да дефинираат кој проблем го решаваат.
Втората грешка е трансформацијата да се третира како IT проект. Во реалноста, таа бара промена на процесите, организацијата, одговорностите, начинот на носење одлуки и често самата корпоративна култура.
Третата е прекумерниот број пилоти без вистинско скалирање. Многу организации имаат десетици proof-of-concepts, а многу малку решенија што создаваат мерлива вредност.
И на крај, често недостасува јасна end-to-end одговорност. Успешната трансформација мора да има сопственик, јасна цел, рок и мерлив резултат.
Finelevate има амбиција да ги поврзува експертите, лидерите и компаниите околу новите технологии и промените во финансискиот сектор. Која е главната мисија на Finelevate и каде ја гледате улогата на компанијата во развојот на дигиталниот и финтек екосистем во регионот?
Finelevate го создадовме со идеја да им помогнеме на финансиските институции подобро да ги разберат промените што доаѓаат и уште поважно, успешно да ги претворат во конкретни бизнис резултати.
Нашата улога ја гледаме како мост меѓу стратегијата, технологијата, регулативата и реалната имплементација. Тоа значи да им помогнеме на институциите да утврдат каде треба да инвестираат, која технологија има реална вредност, кои партнери можат да испорачаат и како трансформацијата да се спроведе од идеја до резултат.
Посебно важен дел од нашата работа се Finelevate Digital Maps. Нивната цел е преку независно пазарно истражување да дадат јасен увид во достапноста, квалитетот и степенот на развој на дигиталните финансиски услуги во земјата и регионот.
Не сакаме само да покажеме кој каде се наоѓа денес. Преку споредба на пазарот, корисничките очекувања и најдобрите практики, сакаме јасно да ги идентификуваме приоритетите кон кои финансиските институции треба да се стремат во следниот период.
Крајната цел е едноставна: подобри дигитални услуги и позадоволни корисници.

Како CEO на Finelevate, вие сте во позиција одблизу да ги следите промените во финтек и финансискиот сектор. Која промена во моментов најмногу ве возбудува, а која можеби најмногу ве загрижува кога станува збор за иднината на финансиските услуги во регионот?
Најмногу ме возбудува конвергенцијата на неколку технологии што досега ги гледавме одделно: вештачката интелигенција, платформите за податоци, дигиталниот идентитет и новите платежни модели.
Кога ќе ги поврзете, добивате можност финансиските услуги да станат многу поедноставни, поперсонализирани и речиси невидливи за корисникот.
Од друга страна, најмногу ме загрижува разликата помеѓу брзината со која технологијата напредува и брзината со која организациите успеваат да се адаптираат.
Тука не мислам само на технологијата, туку и на луѓето, управувањето, сајбер-безбедноста, регулативата и начинот на работа.
AI, на пример, отвора огромни можности, но ако организацијата нема квалитетни податоци, јасна одговорност и контрола на ризиците, многу брзо можеме од иновација да создадеме нов проблем.
Затоа брзината е важна, но контролираната и одговорна брзина е уште поважна.
На 16 септември во Skopje Marriott Hotel се очекуваат околу 300 учесници. Ако треба со една порака да ги убедите лидерите од финансискиот и технолошкиот сектор зошто треба да бидат дел од Finelevate Summit 2026, што би им порачале?
Би им кажал едноставно:
Ако сте дел од финансиската или технолошката индустрија, промените за кои ќе разговараме на 16 септември веќе влијаат врз вашиот бизнис.
Finelevate Digital Summit не е настан на кој доаѓате само да слушнете што можеби ќе се случи во иднина. Тоа е место каде што ќе ги сретнете луѓето, идеите и технологиите што веќе ја обликуваат.
Иднината не чека. Прашањето е дали ќе ја следиме или ќе учествуваме во нејзиното создавање.

