Кина од 2027 година воведува задолжителни физички копчиња во автомобилите за бришачите, трепкачите и менувачите со цел да се спречи невниманието при возењето
Во ерата во која ентериерите на модерните автомобили станаа речиси неразделни од огромните екрани, Кинапрезема чекор кој би можел од корен да го промени правецот на целата автомобилска индустрија.
Министерството за индустрија и информатичка технологија на Кина (MIIT) подготви нови нацрти на законски прописи со кои се наложува задолжително враќање на физичките копчиња, прекинувачи и рачки за сите основни функции во новите возила.
Одлуката доаѓа како директен одговор на сè поголемиот број истражувања кои покажуваат дека комплицираните менија на екраните станале една од најголемите опасности и причини за невнимание во текот на возењето.
Нови правила и крај за дигиталните менувачи
Овој закон, чие стапување во сила се очекува на 1 јули 2027 година, претставува сеопфатна ревизија на постојниот национален стандард за контролните елементи во возилата. Новите прописи бараат командите за клучните функции да имаат јасни физички димензии и тактилен одговор кој на возачот ќе му овозможи таканаречено „слепо управување“ – односно можност да активира одредена функција без да го трга погледот од патот.
Промената не значи целосно отстранување на екраните од кабината, но директно ја забранува практиката виталните функции да се интегрираат во софтверски менија.

Производителите повеќе нема да смеат преку екраните на допир да ги контролираат покажувачите за правец, бришачите на ветробранското стакло, светлата, одмаглувањето на стаклата, командите за прозорците или повиците во итни случаи.
Особено важна ставка во новиот закон е и изречната забрана за дигитални менувачи на екранот, како решението што Tesla го примени кај своите најнови модели, каде што возачот со повлекување на прстот по екранот го избира правецот на движење.
Научни потврди и промена на ставовите на самите возачи
Одлуката на кинеските регулатори се темели на сè поголем број студии кои го мерат негативното влијание на когнитивното оптоварување врз возачите. Истражувањето Touchscreens in Motion на Универзитетот во Вашингтон и истражувачкиот институт на Toyota недвосмислено потврдило дека интеракцијата со екран на допир за време на движење драстично ги забавува реакциите на возачите и директно ја нарушува стабилноста при управувањето со возилото.
Потребата погледот од сообраќајот да се пренасочи кон екранот за едноставна промена на брзината или вклучување на бришачите создава опасни секунди на возење „на слепо“.
Во исто време, и самите купувачи сè почесто изразуваат незадоволство од трендот на целосно отстранување на физичките команди. Голем број возачи на интернет-форумите и во онлајн-заедниците нагласуваат дека екранот треба да остане резервиран за мапи, мултимедија и камера за возење наназад, додека примарните контроли мора да останат на дофат на раката.
Препознавајќи го овој став, дури и некои европски производители веќе започнаа постепено да ги враќаат класичните прекинувачи во своите нови концепти. Кинескиот закон само ќе го забрза овој глобален повраток кон функционалната едноставност, смета BGR.
Во момент кога сè повеќе кинески возила се присутни на европските и светските улици – ова е повеќе од извесно…

