Научниците открија кратер на Месечината поголем од римскиот Колосеум, кој настанал при силен удар пред две години, но првично не бил регистриран.
Стрмната вдлабнатина, широка околу 222 метри и длабока 43 метри, е најголемиот познат ударен кратер во Сончевиот систем што настанал во поново време. Се проценува дека удар со ваква големина се случува само еднаш на 132 години, што го прави овој кратер исклучително вреден извор на информации во период кога NASA се подготвува да изгради база за астронаути на Месечината.
„Овој настан претставува статистички ретко набљудување, практично нешто што се случува еднаш во животот“, напишале научниците во една од двете студии за оваа тема, објавени во списанието Science Advances.
Вселенското летало Lunar Reconnaissance Orbiter (LRO) на NASA го забележало кратерот на страната на Месечината свртена кон Земјата во мај 2024 година, кратко откако настанал при удар на фрагмент од астероид или комета кој пристигнал од вселената. Ударот во Месечината не бил регистриран во реално време ниту со телескопите на Земјата, ниту со оние во вселената.
Снимките со широк агол направени од LRO не биле идентификувани во огромната количина податоци сè до август 2025 година. Вселенското летало минатата есен направило подетални снимки, по што откритието било потврдено на почетокот на оваа година.
Кратерот е именуван по покојниот Томас МекГечин, поранешен директор на Lunar and Planetary Institute во Хјустон, и е трипати поголем од претходниот рекордер што LRO го пронашол пред десет години. Покриена со кратери уште од древни времиња, Месечината има некои од најголемите ударни кратери во Сончевиот систем, вклучително и еден што се протега на повеќе од 2.400 километри.

Овој најнов удар исфрлил и го раздвижил површинскиот материјал на Месечината на подрачје пошироко од 100 километри. Прашината и каменестото тло биле исфрлени под поголем агол од очекуваното, според Марк Робинсон, главен научник задолжен за камерите на LRO, кој работи во компанијата Intuitive Machines. Робинсон е водечки автор на една од студиите.
Втората студија идентификувала студена зона широка седум километри околу новиот кратер, што е во согласност со раздвижувањето на горниот слој од лунарното тло. Коавторот на студијата, Дејвид Пејџ од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, го споредува процесот со градинарството.
„Сега на ударите гледаме како на начин на обработка на реголитот – тие ги мешаат седиментите и на површината го исфрлаат материјалот кој вообичаено се наоѓа под неа“, рекол Пејџ во соопштението.
Бројните откритија на кратери што LRO ги регистрирал од неговото лансирање во 2009 година покажуваат дека горниот слој од лунарното тло, дебел два сантиметри, се превртува со исфрлен материјал на секои 80.000 години. Тоа се случува побрзо отколку што претходно се сметало, според Робинсон.
Спротивно на раширеното мислење дека правливите отпечатоци од стапалата на астронаутите од мисиите „Аполо“ на Месечината ќе траат засекогаш, тие „дефинитивно ќе исчезнат во тој временски период“, навел Робинсон.
Следниот чекор е да се пресмета ризикот материјалот исфрлен од кратерот да ја погоди планираната база на NASA на Месечината.
„Овие информации ќе им помогнат на инженерите да ги зајакнат конструкциите, за да не мора да се грижат за оштетувања или, во најмала рака, да имаат помалку причини за загриженост“, заклучил Робинсон.

