Windows 11 конечно добива модернизирани дијалози, додека Microsoft ги префрла Voice packages, Reset this PC, Run и други делови на WinUI 3
Windows 11 конечно може да добие значително поголема визуелна усогласеност низ целиот систем. Дизајнерскиот тим на Microsoft потврди дека компанијата систематски ги разгледува старите дијалози кои сè уште го користат дизајнот од Windows 8.1, Windows 7, па дури и од многу постари верзии на оперативниот систем, и постепено ги преработува во помодерен WinUI 3 изглед.
Проблемот им е добро познат на сите што подолго време користат Windows 11. Главниот интерфејс на Settings изгледа модерно, со заоблени агли, темна тема и новиот Fluent дизајн, но по само неколку кликања понекогаш се отвора прозорец кој изгледа како да останал заробен во некоја постара генерација на Windows.

Еден таков пример е прозорецот Voice packages во Settings > Time & language > Speech. Кога корисникот ќе се обиде да додаде нови гласови, Windows сè уште отвора посебен стар дијалог без модерен изглед, па дури и без карактеристичните заоблени агли кои Microsoft ги промовираше уште од самиот почеток на Windows 11.
Windows 11 конечно добива нов визуелен стил таму каде што со децении опстојуваат старите дијалози
Windows 11 конечно би требало да го модернизира и интерфејсот Reset this PC, кој сè уште го користи визуелниот јазик од ерата на Windows 8.1. March Rogers, Partner Director of Design во Microsoft, потврди дека ваквите стари елементи се на интерната листа за модернизација и дека компанијата „постепено ги поминува постарите делови од корисничкиот интерфејс“.
Microsoft уште во мај наведе дека планира да ги модернизира постарите дијалози со WinUI 3, но пристапот нема да биде ист насекаде. Кај одредени делови од системот, целосната замена на стариот код носи поголем ризик од можни грешки, па компанијата најпрво воведува темен режим и помали визуелни измени, додека други прозорци целосно се преработуваат.

File Properties е еден од примерите каде што Microsoft веќе направи целосен редизајн во WinUI 3. Новиот Runдијалог отиде чекор подалеку: изработен е во C# и WinUI 3, добива темен режим, историја на внесувања и поддршка за отворање на корисничкиот home директориум преку ознаката ~. Интересно е што новата верзија во тестирањата на Microsoft била дури и малку побрза од старата – просечното време на отворање изнесувало 94 ms, наспроти 103 ms кај старата верзија.
Модернизација добиваат и AutoPlay, Print Management, login screen input switcher, локалните account дијалози, Pen settings и други делови од системот. Microsoft дури призна и апсурдни ситуации во кои Windows 11 сè уште прикажува инструкции што го споменуваат стариот Windows 8 Search charm, функција која одамна повеќе не постои.

Сепак, Control Panel нема да исчезне. Microsoft и понатаму смета дека премногу системски делови и професионални алатки се поврзани со неговата постојна структура за тој едноставно да биде отстранет.
Затоа, најважната промена не е еден нов прозорец, туку стратегијата: Microsoft за првпат отворено потврдува дека има намера систематски да помине низ речиси сите стари Windows дијалози и конечно да ги приближи до единствениот дизајнерски јазик на Windows 11.

