Google е казнет со 403 милиони евра, бидејќи sпоред ирскиот регулатор, незаконски и нетранспарентно ги обработувал податоците за локацијата на корисниците во Европската унија.
Ирската Комисија за заштита на податоците во понеделникот соопшти дека утврдила неправилности во начинот на кој компанијата ги обработувала податоците за локацијата преку функцијата Web & App Activity, поставка која ја следи историјата на пребарување и прегледување, како и преку Location History, сервис кој ги бележи местата што корисниците ги посетиле со своите мобилни телефони.
Регулаторите наведоа и дека Google не постапувал законски, правично и транспарентно ниту при обработката на личните податоци за потребите на функцијата Location Accuracy во оперативниот систем Android.
Ирска е главен регулатор за Google во ЕУ бидејќи европското седиште на американската технолошка компанија се наоѓа во Даблин.
Истрагата била отворена пред шест години и се однесувала на начинот на кој Google ја применувал Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) од нејзиното стапување во сила во 2018 година до февруари 2020 година.

„Овој случај се однесува на историски политики кои во меѓувреме се ажурирани. Од 2019 година значително ги унапредивме нашите практики и воведовме моќни алатки кои управувањето со податоците за локацијата го прават едноставно“, наведоа од Google во реакцијата на казната.
Заменик-комесарот Греам Дојл изјави дека податоците за локацијата можат да бидат корисни, но и штетни за поединците. Како што наведе, овие податоци можат значително да ги унапредат онлајн услугите, но истовремено можат да откријат и голем број информации за одредена личност, вклучително и податоци кои по својата природа се приватни.
Ова е четвртата најголема казна за прекршување на приватноста што ја изрекол ирскиот регулатор, по поголемите казни изречени на TikTok и Meta, меѓу кои и казната од 1,2 милијарди евра за Meta.
Регулаторот додаде дека во тек се уште три истраги поврзани со Google.

