Експертите од iFixit ги расклопија моделите iPhone 18 Pro и Pro Max, при што акцентот беше ставен на новиот систем на камери и предизвиците со кои ќе се соочуваат сервисерите.
Најновата генерација на паметни телефони на Apple од серијата 18 Pro дојде во рацете на експертите од iFixit, кои, како што обично прават, веднаш ги расклопија уредите до нивните составни делови и анализираа колку ќе биде комплицирано нивното сервисирање. Резултатите на новата линија се различни, па привремената вкупна оценка за поправливост изнесува 7/10.
Камерата речиси невозможна за сервисирање
Како што веќе е познато, камерите кај моделите iPhone 18 Pro и Pro Max носат механички променлива бленда на главната камера. Анализата на експертите од iFixit покажува дека во куќиштето се наоѓа исклучително прецизен механизам со шест многу тенки полимерни ливчиња. Дебелината на секое ливче на блендата е споредлива со дебелината на човечко влакно, а нивното движење се контролира со помош на магнети.
Иако променливата бленда воопшто не е новина во индустријата на камерите и паметните телефони, решението на Apple се издвојува со исклучително малите димензии. И покрај инженерски прецизно изведеното решение, експертите истакнуваат дека додавањето подвижни делови во модулот на камерата го зголемува ризикот од дефекти.
Бидејќи компонентите се залепени и склопени со исклучително мали толеранции, самостојна поправка или замена на поединечните ливчиња во случај на дефект на главната камера практично е невозможна. Тоа значи дека корисниците во случај на дефект најверојатно ќе мора да го заменат целиот модул на камерата, што значително ќе ги зголеми трошоците за сервисирање.

Екранот и батеријата
Процесот на расклопување на уредот откри и проблеми при отстранувањето на екранот, што е првиот чекор за пристап до внатрешноста. Кај три од четирите тестирани примероци, пластичната рамка на екранот напукнала или се одвоила во текот на отворањето.
Се претпоставува дека подобрениот систем за ладење ја одведува топлината од рабовите, поради што лепилото потешко омекнува без подолго загревање на температури над 70 °C. Напукнувањето на пластичната рамка, пак, го оневозможува повторното правилно запечатување на куќиштето без замена на целиот екран, па и тука може да се очекуваат повисоки трошоци за поправка.
Сепак, откако ќе се пристапи до внатрешноста, замената на батеријата ќе биде значително полесна. Батеријата се одвојува од лежиштето со примена на електричен напон од 9 до 12 V, што за околу 90 секунди го ослабува специјалното лепило.
Благодарение на нејзиното метално куќиште, кое со завртки е прицврстено за централната структура на телефонот, замената е исклучително едноставна, па токму тука новиот iPhone ја подобрува оценката за поправливост

Променета позиција на SoC
Новиот распоред на компонентите во куќиштето носи и значителни промени во архитектурата на матичната плоча. Расклопувањето ги потврди наводите на Apple за новиот начин на „пакување“, односно дека SoC чипот A20 Pro е преместен на надворешната страна од сложената конструкција на плочата, за разлика од претходниот A19 Pro, кој се наоѓаше од внатрешната страна, под работната меморија.
Со цел подобро одведување на топлината од процесорот кон системот за ладење, работната меморија сега е сместена непосредно до процесорот, со што дизајнот на чиповите од серијата A дополнително се приближува до архитектурата на процесорите од серијата M.
Новиот процесор е поврзан со ладилник преку слој од сунѓерест материјал, наместо термална паста, што овозможува порамномерно пренесување на топлината. За размена на топлината се користи зголемена парна комора, која покрива поголем дел од внатрешноста на уредот. Според наведените спецификации, нејзината површина е трипати поголема во споредба со претходната генерација.

