Alibaba на својата годишна конференција во Хангжу го претстави новиот AI чип Zhenwu V900 и најави развој на помоќни модели, во пресрет на средбата на кинеските и американските лидери во Вашингтон.
Компанијата соопшти дека Zhenwu V900 е најмоќниот AI чип во Кина во моментов и дека нуди трипати подобри перформанси од претходната генерација Zhenwu M890. Овие чипови се користат во дата-центрите на Alibaba за тренирање напредни модели на вештачка интелигенција, како и за инференција, односно пресметки што обучениот модел ги користи за да им одговара на корисниците.
Извршниот директор Еди Ву изјави дека Alibaba планира да тренира нов AI модел со 5 до 10 трилиони параметри, што претставува мерка за капацитетот за учење на моделот.
Најмоќниот актуелен модел од серијата Qwen, Qwen3.8-Max, има 2,4 трилиони параметри, додека кинеската компанија Moonshot наведува дека нејзиниот модел Kimi K3, објавен во јули како модел со отворен код, има 2,8 трилиони параметри.
Alibaba истовремено најави проширување на дата-центрите што го поддржуваат нејзиниот cloud-бизнис, со образложение дека побарувачката за AI пресметки расте „експоненцијално“. Компанијата очекува до 2032 годинада располага со повеќе од 20 гигавати компјутерска моќност.

За споредба, SpaceX во средината на оваа година располагаше со околу 1,4 гигавати AI капацитет, а има цел да надмине 10 гигавати до 2027 година.
Објавата доаѓа само неколку дена пред посетата на Си Џинпинг на Вашингтон, каде што со американскиот претседател Доналд Трамп треба да разговара за вештачката интелигенција, трговијата и царините.
Во позадина се и американските ограничувања за извоз, кои на Кина ѝ го ограничуваат пристапот до дел од најнапредните AI чипови и машините за нивно производство, додека кинеските компании настојуваат да ја зајакнат технолошката самостојност.
Ву во својот говор порача дека Alibaba „ги мобилизира сите ресурси“ за да одговори на побарувачката на клиентите за AI.
Тој додаде дека глобалните недостатоци во синџирот на снабдување за AI дата-центрите „моментално ја ограничуваат брзината со која можеме да ја прошируваме нашата компјутерска инфраструктура“ за вештачка интелигенција.

