Xiaomi утре во Кина ќе ги претстави моделите 18 Pro и 18 Pro Max, а во пресрет на лансирањето објави детали за задните камери и примери на фотографии направени со новите уреди.
Компанијата на Weibo ги објави клучните хардверски спецификации на задните камери од серијата 18 Pro. Двата телефони доаѓаат со главна Leica камера од 200 MP и сензор со големина од 1/1,28 инчи, како и перископска телефото камера од 200 MP со сензор од 1/1,56 инчи.
Телефото камерата има отвор на блендата f/2.4, поддршка за 3,2x оптички зум и матична фокусна должина од 75 mm. Поддржува и макро фокусирање од растојание од 12 сантиметри, што би требало да ги прошири можностите за фотографирање детални кадри одблиску.

Xiaomi тврди дека телефото камерата на моделот 18 Pro може да прими 280 отсто повеќе светлина во споредба со истата камера на моделот 17 Pro. За 18 Pro Max се наведува 83 отсто поголем внес на светлина во однос на 17 Pro Max. Компанијата, заедно со спецификациите, објави и повеќе пример-фотографии направени со главната и телефото камерата на новите уреди.
Утрешното претставување во Кина ќе ги донесе и останатите детали за телефоните. Според досега објавените информации, новите флегшип модели ќе имаат подобрен заден екран, хардверска заштита на приватноста на екранот и поголеми батерии во споредба со претходниците.
Се очекува да ги придвижува и сè уште официјално непредставениот чипсет Snapdragon 8 Elite Gen 6 Pro на Qualcomm.

