Microsoft го претстави унапредениот Copilot, кој ги обединува работните алатки и носи нови функционалности Home, Code и Autopilot, како и длабока интеграција со апликациите Word, Excel и PowerPoint.
Со надеж дека нивниот систем за вештачка интелигенција ќе може да им конкурира на Claude и ChatGPT, Microsoft претстави нова верзија на платформата Copilot, насочена кон проширување на можностите за секојдневна работа. Новата верзија ги поврзува познатите постојни алатки со нова генерација можности за креирање, приспособување и проширување на употребата на вештачката интелигенција.
Copilot за работа и разговори
Апликацијата Copilot сега вклучува три нови клучни функционалности: Home, Code и Autopilot, додека целосните можности на програмите Word, Excel и PowerPoint се директно интегрирани во корисничкото искуство. Со тоа, Microsoft сега го нарекува Copilot „нов оперативен систем“ и најавува дека канцелариските апликации ќе функционираат во него, а тој ќе биде интегриран и во нив. Звучи збунувачки? Само така ви се чини…
Според новиот концепт, картичката Home во апликацијата Copilot служи како почетна точка во која на едно место се обединети модулот за разговор (Chat) и модулот за делегирање задачи (Cowork). Преку Home, корисниците можат да ги прегледуваат неодамнешните активности, да добиваат предлози и да продолжат со работата онаму каде што застанале.
Chat е наменет за брзи прашања и изработка на нацрти, додека Cowork е предвиден за посложени задачи што корисникот му ги делегира на системот, како што се изработка на понуди, документација или финансиски извештаи. Наскоро Copilot ќе почне и автоматски да ја насочува работата кон соодветниот модул — Chat, Cowork или Code — зависно од природата на задачата.

Сè на едно место
Интеграцијата наречена Office in Copilot овозможува директно креирање и уредување документи, табели и презентации, без потреба од префрлување меѓу различни апликации. Од интерфејсот Home, корисниците можат да побараат пишување текст, финансиско моделирање или изработка на презентации, при што системот креира или ажурира вистински документи во реално време за целиот тим.
Системот овозможува заедничко уредување, а промените се усогласуваат со апликациите Microsoft 365. Дополнително, во рамките на апликациите се претставени и специјализирани вештини, како финансиските во Excel или правните во Word.
За програмерите, тука е секцијата Code, која овозможува програмирање помали наменски решенија со користење природен јазик (односно она што популарно се нарекува „vibe coding“).
Корисниците можат да опишат апликација, контролна табла или работен процес, по што Copilot го изработува бараното решение — кое може да биде од десктоп апликација до апликација во облак.
Code се базира на истата технологија како GitHub Copilot, функционира во изолирана средина во рамките на безбедносната рамка и го користи Microsoft IQ за поврзување со работниот контекст. Достапноста за претплатниците на пакетите Microsoft 365 Premium и Pro е најавена за подоцнежниот дел од годината, во верзија за тестирање.

Агенти на Autopilot
Autopilot претставува проактивен агент кој продолжува да извршува задачи дури и кога корисникот не е активно присутен во системот.
Паралелно со тоа, Microsoft во рамките на алатките за избор на модели воведува опција Auto, која ќе ја проценува точноста, брзината и трошокот на секое барање и ќе го насочува кон моделот и нивото на расудување што најмногу одговараат на задачата, со што се обезбедува стабилен квалитет по фиксна цена.
Моделите како GPT-5.6 и Sonnet 5 се вклучени во понудата, додека новите модели, вклучувајќи го Opus 5, ќе бидат достапни со одредени ограничувања. Корисниците што го сакаат тоа и понатаму ќе можат рачно да избираат модели во системот.
Предноста на Copilot во однос на споменатите конкуренти е тоа што корисниците за една фиксна цена ќе добијат повисоки нивоа на користење, цената нема да им се менува зависно од потрошувачката на токени, а одлуките за користење на најсоодветниот модел за секоја задача ќе му бидат препуштени на автоматскиот избор.
Во рамките на функционалноста Home наскоро пристигнува Today, проактивна и персонализирана алатка осмислена за централизирано управување со е-поштата, календарот, разговорите во апликацијата Teams, состаноците и задачите.
Алатката им овозможува на корисниците брз преглед на пропуштените известувања, ставките што бараат итно внимание и обврските што можат да почекаат. Потоа може самостојно да започне со работа, да напише е-пошта, да го реорганизира распоредот и генерално да функционира како личен асистент.
Тестирањето на алатката Today започнува во октомври, кога ќе влезе во приватна тест-фаза во рамките на апликацијата Copilot. Потоа, функционалноста ќе биде интегрирана и директно во апликациите Outlook и Teams.

