Страницата за поддршка на Google сугерира дека компанијата планира до 2034 година да го укине ChromeOS и поновите Chromebook уреди да ги префрли на Googlebook OS.
Според Ars Technica, Google не сака да се најде во ситуација слична на онаа со Windows XP, кога Microsoft мораше да ја продолжува поддршката за ажурирања. Поради тоа, на страницата за поддршка се наведува дека Google има намера поновите Chromebook уреди да ги надгради на Googlebook OS.
Компанијата засега нема објавено детален временски план, ниту список на модели што ќе бидат опфатени со преминот. Сепак, Google наведува дека во многу случаи тоа ќе биде „директна миграција“.
Ваквата неопределеност не е изненадувачка бидејќи Chromebook уредите, иако не станаа голем хит кај потрошувачите, масовно се користат во училиштата и компаниите.

Според истата страница за поддршка, Googlebook уредите уште една година или повеќе нема да имаат споредливи алатки за управување, што би можело да го отежне преминот за организациите кои се потпираат на евтини и лесни за администрирање компјутери.
Претставниците на Google во јавните изјави засега само наведуваат дека Chromebook уредите ќе продолжат да постојат. Сепак, достапните насоки упатуваат на тоа дека деновите на платформата се избројани, особено затоа што Google ги претставува Googlebook уредите како премиум производ.
Почетната линија на Googlebook уреди започнува од 899 долари, што е значително повеќе од цените по кои денес можат да се купат Chromebook уредите.
Ars Technica наведува дека партнерите на Google евентуално би можеле да истражат можности за поевтини Googlebook модели, но таквите уреди засега не се дел од почетната понуда.

