Galaxy S27 Ultra би требало да донесе потопол приказ на боите, подобра контрола на светлите делови од кадарот и помалку шум при слабо осветлување, а промени се очекуваат и кај самиот хардвер на камерите.
Samsung би требало да го претстави Galaxy S27 Ultra на почетокот на 2027 година, а иако до официјалното претставување нè делат уште неколку месеци, веќе се појавуваат информации за промените што би требало да го опфатат неговиот систем на камери.
Според информациите од познатиот leaker Ice Universe, Samsung подготвува три позначајни промени во начинот на кој се обработуваат фотографиите. Една од нив се однесува на приказот на боите, кој кај Galaxy S27 Ultra би требало да биде нешто потопол во споредба со претходните Ultra модели, познати по нешто поладните тонови.

Подобрувања наводно се подготвуваат и за обработката на светлите делови од фотографијата. Galaxy S27 Ultra би требало подобро да ги контролира истакнатите области, односно highlights, особено при фотографирање мали и многу светли објекти од поголема оддалеченост. Оваа промена би требало да се однесува на главната и на 5x телефото камерата.
Третата промена се однесува на фотографирањето во услови на слабо осветлување. Samsung би требало да примени обработка која ќе резултира со помазни фотографии и помала количина видлив шум во темните делови од кадарот.

Ice Universe исто така тврди дека Galaxy S27 Ultra од претходникот ќе ја задржи само 5x телефото камерата, додека главната камера би требало да биде нова. Наводно, таа ќе го користи сензорот ISOCELL HP6, прилагодена верзија на сензорот HPC на Samsung.
Покрај тоа, треба да се спомене дека неофицијалните leak-ови наведуваат дека Samsung за Galaxy S27 Ultra подготвува редизајниран модул на задните камери и дека телефонот би можел да има еден сензор помалку од актуелниот Galaxy S26 Ultra.

