Google го најави Gemini 4 Argon, нов напреден AI модел кој најпрво ќе биде достапен за избрани експерти за сајбер-безбедност преку програмата Fairwind
Компанијата наведува дека Argon е развиен за длабоко расудување во сложени и долготрајни работни процеси, вклучувајќи софтверско инженерство, правни и финансиски работи, како и сајбер-одбрана.
Поширокото објавување ќе се одвива фазно, со собирање повратни информации од првите тестери и усогласување со доброволниот процес на американската влада за пристап до моделите пред нивното официјално објавување.
Argon ќе има почетна цена од 2 долари за милион влезни токени и 10 долари за милион излезни токени, додека кешираните влезни токени ќе бидат 95 отсто поевтини од цената на влезните токени. Google истакнува дека моделот веќе го користат илјадници вработени во интерните процеси, од специјализирани задачи за кодирање до подлабоки истражувања и пишување.

Во еден пример, Argon им помогнал на квантните истражувачи за неколку минути да ја надминат објавената референтна вредност за 40 отсто. Тим од Argon агенти, како што се наведува, ги анализирал телеметриските податоци и пронашол оптимизации на меморијата во дата-центрите на Google, со што по имплементацијата биле ослободени повеќе од 300 TiB меморија, а проценетата вкупна заштеда изнесува од 500 TiB до 1 PiB.
Лимитот на излезни токени е зголемен од 64.000 на еден милион токени, со цел моделот да може да работи на подолги и посложени задачи. Според објавата, Argon постигнува 77,9 отсто на тестот DeepSWE v1.1, го зазема првото место на AutomationBench со 51,3 отсто и постигнува резултат од 91,7 отсто на LVBench за разбирање долги видеа.
Посебен акцент е ставен на сајбер-одбраната, па Argon може автономно да пронајде, потврди и поправи критични софтверски ранливости, а на избрани одбранбени тимови ќе им биде достапен без сајбер-ограничувања. Компанијата Wiz веќе го користи преку иницијативата „Scan for Good“, при што моделот, според објавата, открил критична ранливост во здравствен софтвер што го користат болници ширум светот.
Пред пошироката достапност, Google најавува зајакнување на заштитните мерки против злоупотреба, prompt injection напади, погрешно усогласување и безбедносни ризици во тестните околини.
Gemini 4 Argon потоа ќе им биде понуден на програмерите, компаниите и корисниците, почнувајќи од корисниците на платените API услуги и претплатниците на Google AI Ultra.

