Скопје четири дена е во центарот на регионалната AI и стартап сцена, со фокус на новите технологии, инвестициите и глобалниот раст на компаниите
Текст и фото: Никола Бурагев
Скопје деновиве е во знакот на вештачката интелигенција, стартапите, инвестициите и новите технологии, со одржувањето на Startup Revolution AI Summit 2026. Четиридневниот настан започна вчера, а денеска официјално беше отворена главната програмата, која на 2 и 3 октомври се одржува во Македонската филхармонија.
Самитот на едно место обединува претприемачи, основачи на стартапи, инвеститори, претставници на компании, технолошки експерти и институции, со фокус на технологиите што веќе го менуваат начинот на кој функционираат бизнисите и општеството.
На официјалното отворање се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, кој ја нагласи потребата домашните компании и стартапи да создаваат и да растат од Македонија, но истовремено да размислуваат надвор од границите на домашниот пазар.
Во фокусот на неговото обраќање беше и вештачката интелигенција, која, како што беше истакнато, веќе не е концепт кој треба да се очекува во иднина, туку технологија што активно ги менува секојдневието, работните процеси и начинот на создавање нови производи и услуги.

“Вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината за која разговараме и се обидуваме да предвидиме како еден ден ќе влијае врз нашите животи. Таа е технологија на сегашноста, која веќе го менува начинот на кој работиме, учиме, комуницираме, произведуваме, лекуваме, истражуваме и создаваме компании. Затоа прашањето повеќе не е дали вештачката интелигенција ќе ги промени нашите економии и општества. Тоа веќе се случува. Вистинското прашање е какво место ќе имаме ние во таа промена”, рече Мицкоски во обраќањето.
На претприемачите и сопствениците на компании им порача да не дозволат големината на домашниот пазар да ја определува големината на нивната амбиција.
”Македонија не треба да биде набљудувач на новата технолошка револуција. Треба да биде нејзин активен учесник. Во економијата на знаењето географијата станува помалку важна, а талентот, образованието, брзината, креативноста и способноста една добра идеја да се претвори во производ стануваат поважни од големината на територијата или бројот на жители. Нашата амбиција треба да биде идеи, производи и компании создадени во Македонија да растат и да се натпреваруваат на европскиот и светскиот пазар”. истакна Мицкоски.
Една програма, повеќе страни на технолошката трансформација
Програмата на Startup Revolution AI Summit 2026 опфаќа широк спектар теми поврзани со развојот на новата економија. Покрај вештачката интелигенција и стартапите, дискусиите се посветени и на инвестициите, претприемништвото, податоците, енергетиката и климатските технологии, како и на HealthTech и FinTech секторите.
Посебно внимание е посветено на практичната примена на AI во компаниите – од автоматизација и оптимизација на работните процеси, до создавање нови производи и бизнис-модели.

За основачите на стартапи, дел од програмата е насочен кон предизвиците со кои се соочуваат во различните фази од развојот на компанијата, вклучително и пронаоѓањето клиенти, пристапот до капитал и градењето производи со потенцијал за меѓународен раст.
На агендата има и презентации на стартапи, панел-дискусии, разговори со експерти и практични сесии, со што организаторите се обидуваат да ги поврзат технолошката заедница, бизнис-секторот и инвеститорите.
AI како алатка за нова генерација компании
Една од главните пораки што се провлекува низ самитот е дека развојот на вештачката интелигенција не е ограничен само на технолошките компании.
Нејзината примена сè повеќе навлегува во здравството, финансискиот сектор, индустријата и енергетиката, отворајќи простор за нови услуги, поефикасни процеси и стартапи кои решаваат конкретни проблеми.

Токму поврзувањето на овие различни области е еден од клучните елементи на Startup Revolution AI Summit 2026 – технологијата да се стави во контекст на капиталот, бизнисот, институциите и реалните потреби на пазарот.
Програмата продолжува во текот на викендот, а завршницата на четиридневниот самит е предвидена за 4 октомври, кога дел од активностите ќе бидат поврзани и со Wizz Air Скопскиот маратон.
Повеќе информации за програмата и учесниците се достапни на официјалната веб-страница на Startup Revolution AI Summit.

