Редизајнот, според планот на тимот на Firefox, треба да ја прошири корисничката база надвор од кругот на оние кои го избираат прелистувачот поради приватноста, отворениот веб или отворениот код.
Целта е дел од корисниците да го изберат и поради корисничкото искуство во споредба со Chrome, Edge и Safari.
Шефот на Firefox, Аџит Варма, во разговор за Ars Technica изјави дека Mozilla истовремено работи на дизајнот, перформансите и компатибилноста. Како еден од претходните проблеми тој го посочи бавното донесување одлуки, додека во последната година и половина целта била да се забрза развојот, делумно и со помош на алатки со вештачка интелигенција.
„Луѓето сакаат да имаат чувство дека користат модерен прелистувач, со работи што одговараат на дизајнерскиот јазик на оперативниот систем“, рече Варма, посочувајќи дека се враќа компактниот режим на работа и се воведуваат повеќе можности за прилагодување.

Firefox се потпира на open-source енџинот Gecko, за разлика од повеќето конкуренти кои го користат Chromium на Google. Варма вели дека многу корисници не ја разбираат разликата меѓу Chromium, Chrome, Gecko и Firefox, поради што Mozilla сака прелистувач кој ќе биде привлечен и за масовната публика, а не само за корисниците кои го избираат поради одредени вредности.
Според него, Firefox бележи раст кога корисниците ќе добијат можност свесно да изберат прелистувач, како што е случајот со екраните за избор на мобилни уреди во Европа, воведени преку Законот за дигитални пазари (Digital Markets Act).
Како можност за привлекување нови корисници тој го наведе и укинувањето на поддршката за Manifest V2 во Chromium-прелистувачите, додека Firefox и понатаму поддржува помоќни екстензии.
Варма зборуваше и за функциите со вештачка интелигенција, нагласувајќи дека Firefox сака да им понуди избор на корисниците. Тие можат да ги исклучат AI-контролите, да користат само одредени функции, како превод, или да изберат поприватни модели. Во Mozilla, како што тврди Варма, помалку од 10 отсто од инженерските ресурси се насочени кон AI, додека најголемата инвестиција и понатаму останува Gecko.
Кога станува збор за iPhone, како главен проблем тој го наведе трошокот за развој на различни верзии на iOS апликацијата за пазарите каде што е дозволено користење алтернативен енџин и за оние каде што тоа не е дозволено. Според неговите зборови, Mozilla бара единствени глобални правила кои би овозможиле развој на Gecko за iOS низ целиот свет.

