Највисоката ветерна турбина во светот е поставена во Шипкау, Германија. Таа е повисока од Ајфеловата кула, а благодарение на посилните ветрови на таа височина би можела да произведува двојно повеќе енергија.
Германскиот производител Gicon го заврши подигнувањето на кулата на пилот-проектот за ветерна турбина во Шипкау, во источна Германија, со што е поставен нов светски рекорд по височина.
Објектот, заедно со елисите, достигнува височина од 365 метри, што го прави втора највисока градба во Германија, веднаш зад телевизиската кула во Берлин, од која е понизок за само три метри. Оската на роторот се наоѓа на височина од 300 метри над земјата, каде што ветровите се посилни и постабилни.
Проектот го финансира германската држава преку Сојузната агенција за иновации (SPRIND), со сума која ќе изнесува меѓу 20 и 30 милиони евра.

Телескопска кула
За да се избегне потребата од користење исклучително високи кранови, кулата е подигната со примена на специјална телескопска технологија. Внатрешната конструкција е подигната низ надворешната решеткаста кула и потоа фиксирана на конечната височина.
Основачот и извршен директор на Gicon, Јохен Гросман, истакна дека станува збор за пресвртна точка и дека идејата која некогаш претставувала голем предизвик сега е претворена во уникатен објект на глобално ниво.
Официјалното пуштање на ветерната турбина во работа е планирано за ноември, откако во наредните недели ќе бидат завршени преостанатите работи.
Турбината има номинална моќност од 3,8 MW, а се проценува дека поради поповолните услови на голема височина ќе произведува околу двојно повеќе електрична енергија во споредба со конвенционална турбина со ист дијаметар на роторот.
Се очекува постројката годишно да може да обезбедува електрична енергија за околу 7.500 домаќинства.
Компанијата веќе планира понапредни модели со моќност поголема од 7 MW, а води разговори со енергетски партнери за комерцијализација на технологијата и започнување сериско производство.

Ветерни електрани на „втор кат“
Gicon и SPRIND предвидуваат поставување вакви високи конструкции како своевиден „втор кат“ над постојните ветерни електрани. Тоа би значело дека нивните ротори би се наоѓале над роторите на стандардните ветерни турбини.
Проценките покажуваат дека во постојните германски ветерни паркови, како оној во Шипкау, кој работи од 2000 година и има околу 50 турбини, би можеле да се постават до 4.000 високи турбини, без потреба од зафаќање нови површини.
Овој проект се реализира во период на проширување на германските капацитети за производство на електрична енергија од ветер на копно. На крајот на 2025 година во Германија биле инсталирани 68,1 GW капацитети, а целта е до 2030 година нивната моќност да достигне 115 GW.
Проектот се наоѓа во регион познат по експлоатацијата на лигнит, каде што површинските рудници постепено се затвораат како дел од германската климатска транзиција и напуштањето на фосилните горива.
Новата ветерна турбина со својата височина значително ги надминува постојните турбини во околината на овој поранешен рударски регион, кои вообичаено достигнуваат височина од 150 до 250 метри.

