Новата визија на Microsoft го поврзува локалниот AI со облакот, а Windows го подготвува за ера во која AI агентите самостојно извршуваат задачи
Microsoft ја претстави својата визија за следната генерација на Windows, позиционирајќи го оперативниот систем како платформа за „хибридна интелигенција“, во која вештачката интелигенција може да работи локално на компјутерот или во облакот, зависно од задачата, потребните перформанси и безбедносните барања.
Компанијата смета дека AI агентите претставуваат фундаментална промена во начинот на кој луѓето ја користат технологијата. За разлика од традиционалните апликации, агентите можат континуирано да работат, да користат различни алатки, да пристапуваат до датотеки, да пишуваат код и да извршуваат задачи во име на корисникот.
Поради тоа, Microsoft го гради Windows околу три клучни принципи – контрола, идентитет и управливост. Целта е организациите да имаат јасен увид во тоа до кои ресурси има пристап еден AI агент, кој агент ја извршил одредена активност и како неговото однесување може да се контролира на ниво на цела организација.

Microsoft Execution Containers носат дополнителна безбедност за AI агентите
Една од клучните новини е официјалното пуштање во широка употреба на Microsoft Execution Containers (MXC)за Windows 11.
MXC овозможува дефинирање на тоа до кои датотеки и мрежни ресурси може да пристапи AI агентот, при што правилата се применуваат додека агентот работи. Microsoft на овој начин сака да понуди безбедносен модел прилагоден на AI агенти, чии активности можат да се менуваат во зависност од инструкциите и алатките што ги користат.
MXC веќе поддржуваат повеќе познати AI алатки, меѓу кои OpenAI Codex, GitHub Copilot, OpenClaw, Replit, LM Studio, NVIDIA OpenShell и Unsloth AI. Поддршка најавуваат и Anthropic Claude Code, Box, Egnyte, Manus, Perplexity, Raycast и други компании.
Microsoft истовремено најави дека Muse for Windows, личниот AI агент на Meta, ќе пристигне како мајчин Windows апликација со интеграција на MXC.

AI ќе се извршува локално кога тоа има најмногу смисла
Централниот дел од новата стратегија е таканаречената хибридна интелигенција. Наместо секоја AI задача да се испраќа во облакот, Windows ќе може интелигентно да одлучува каде треба да се изврши одредената задача – локално на компјутерот или преку cloud инфраструктура.
Microsoft смета дека ваквиот пристап може да ги намали трошоците за користење на cloud AI, истовремено овозможувајќи пристап до најнапредните модели.
Компанијата го проширува и локалното извршување на големи AI модели. Меѓу нив е MAI Code 1.1 Flash, модел со 137 милијарди параметри, кој со 3-bit прецизност е оптимизиран за локално работење и поддржува контекст од 256K токени.
На Windows пристигнува и поддршка за llama.cpp во Windows ML, што на програмерите ќе им овозможи полесен пристап до поширок спектар на open-source AI модели.

GitHub Copilot ќе може да комбинира локални и cloud модели
Microsoft и GitHub дополнително ја развиваат технологијата HydraFusion, која автоматски ја насочува задачата кон соодветен AI модел.
Со проширувањето на HydraFusion на Windows, системот ќе може да користи и модели што работат локално на уредот. На тој начин, дел од AI обработката може да се изврши директно на PC, додека посложените задачи ќе се испраќаат во облакот.
Хибридната интелигенција ќе пристигне експериментално во GitHub Copilot, GitHub Copilot CLI и Visual Studio Code подоцна во октомври.

Copilot ќе може да го разбира компјутерот и да презема дејства
Една од најзначајните промени се однесува на Copilot на Copilot+ PC компјутерите.
Со дозвола од корисникот, Copilot ќе може да користи локален контекст од компјутерот, да презема дејства директно во Windows и да користи модели што работат локално.
Тоа значи дека Copilot ќе може да:
- ги користи релевантните датотеки и неодамнешната активност на компјутерот;
- организира датотеки и извршува различни задачи;
- анализира дијагностика и помага при решавање проблеми;
- пишува и извршува код;
- комбинира локални модели со cloud AI кога тоа е потребно.
Microsoft овие можности ги интегрира во трите главни Copilot искуства – Home, Code и Autopilot.
Особено интересен е Autopilot, кој Microsoft го опишува како постојан, проактивен и персонализиран агент. Со локален контекст, локални модели и можност за преземање дејства во Windows, идејата е агентот да продолжи да работи во име на корисникот додека тој се занимава со други активности.
Функциите на Copilot базирани на хибридна интелигенција се очекува да започнат да се појавуваат на Copilot+ PC компјутерите во следните месеци.
Нови Windows PC компјутери се подготвуваат за локален AI
За да ја поддржи оваа визија, Microsoft најави нова генерација компјутери со значително поголеми локални AI перформанси. Меѓу нив е Surface Laptop Ultra, најмоќниот Surface Laptop досега, базиран на NVIDIA RTX Spark. Уредот може да биде конфигуриран со до 128 GB унифицирана меморија и да извршува AI модели со повеќе од 120 милијарди параметри локално.

За програмерите и AI инженерите е најавен и Surface RTX Spark Dev Box, наменет за локално тестирање, евалуација и развој на AI модели.
Нови RTX Spark Windows компјутери најавија и ASUS, Dell, HP, Lenovo и MSI, а преднарачките започнуваат веднаш, додека испораките се очекуваат од 16 октомври.
Microsoft наведува дека кај одредени AI задачи RTX Spark системите можат да постигнат до 2,1 пати побрзо време до првиот токен, 4,3 пати побрзо генерирање слики и 6,2 пати побрзо генерирање видео во споредба со MacBook Pro 16 со M5 Pro.
Windows добива и десктоп AI суперкомпјутери
На врвот на новата Windows понуда се DGX Station системите на NVIDIA, кои подоцна годинава ќе бидат достапни со Windows.
Базирани на NVIDIA GB300 Grace Blackwell Ultra Desktop Superchip, овие системи се наменети за најсложени AI, научни и инженерски задачи. Microsoft наведува дека ќе можат локално да извршуваат модели со повеќе од еден трилион параметри.
DGX Station за Windows ќе може да се користи и како личен AI суперкомпјутер, но и како заеднички ресурс за тимови. Според Microsoft, една конфигурација може да поддржи 32 или повеќе истовремени AI агенти, со што компаниите би можеле да ја намалат зависноста од cloud токени и чувствителните податоци да ги задржат во сопствената инфраструктура.

Windows Search преминува од „пронајди“ кон „направи“
AI промените не се ограничуваат само на развој и професионални задачи.
Microsoft најави ново искуство во Windows Search, кое ќе овозможи директно извршување на илјадници акции преку полето за пребарување на taskbar.
Корисникот, на пример, ќе може да напише команда за вклучување на Dark Mode, активирање Do Not Disturb, намалување на осветленоста, исклучување на звукот или организирање на прозорците – без притоа рачно да отвора различни менија и апликации.
Меѓу најавените можности е и интеграција со новиот Copilot, при што корисниците ќе можат да добиваат брзи одговори директно во Search или да преминат во целосното Copilot искуство.

RTX Spark носи и нови можности за гејминг
Microsoft истовремено го истакнува RTX Spark како важен чекор за иднината на гејмингот на Windows уредите.
Поддршката за технологии како DirectX ray tracing, Variable Rate Shading и DirectStorage треба да овозможи подобри графички перформанси, додека Advanced Shader Delivery кај поддржаните игри го намалува времето потребно за компилација на shader-и при првото стартување.
Microsoft најави и дека Call of Duty ќе пристигне на RTX Spark во 2027 година, додека каталогот на игри за Windows on Arm продолжува да се проширува.

Windows се подготвува за нова ера на AI компјутерите
Со новите безбедносни механизми, локални AI модели, хибридно процесирање, AI агенти и нова генерација на хардвер, Microsoft сака Windows да го постави во центарот на следната етапа од развојот на персоналниот компјутер.
Главната промена е во тоа што PC-то повеќе не е само место каде што корисникот отвора апликации и рачно извршува задачи. Наместо тоа, Windows постепено станува платформа на која AI агентите можат да работат во име на корисникот, локално или преку облакот, со јасна контрола врз нивниот пристап и активност.
Microsoft оваа визија ја сумира како Windows да биде „домот за хибридната интелигенција“ – платформа што ги спојува локалниот AI, cloud моделите, моќниот хардвер и безбедноста во едно компјутерско искуство.
