YouTube Music воведе јасни ознаки што покажуваат дали некоја песна е генерирана со вештачка интелигенција. Ова е одлична вест за оние што сакаат да слушаат вистинска музика, а не чудни имитации со помалку природен, метален звук.
Издолжената ознака со натписот „AI“ се наоѓа веднаш под името на песната, па тешко може да остане незабележана. Таа ќе биде видлива кај песните што се целосно генерирани со вештачка интелигенција, но и кај оние во чие создавање некој модел бил користен за генерирање клучни елементи, како што се вокалите. Од YouTube велат дека ознаката ќе се појавува кај сите содржини во кои „вештачката интелигенција имала значајна улога“.
Со допирање на ознаката се отвора мени со информации за тоа како била користена вештачката интелигенција, што може да им помогне на корисниците да одлучат дали сакаат да продолжат со слушањето на песната. Се чини дека станува збор за прилично едноставно решение, кое не се разликува многу од начинот на кој YouTube веќе ги означува видеосодржините генерирани со вештачка интелигенција на својата главна платформа.

Стандардната апликација YouTube содржи голем број музички спотови и сродни содржини, а компанијата тврди дека во одреден момент овие посебни ознаки ќе бидат воведени и во видеоплеерот.
YouTube Music не е единствената платформа што се обидува да го запре „поплавувањето“ со неквалитетни аудиосодржини што постојано се генерираат со помош на вештачка интелигенција. Spotify започна да ги означува лажните изведувачи, додека Deezer воведува систем за филтрирање со кој се отстрануваат содржините генерирани со вештачка интелигенција.
