Прво RAM-модул, потоа LED-диоди, а сега и соларни ќелии – јутјуберот Dr. Semiconductor успеа сето тоа да го изработи во својата домашна работилница, потпирајќи се на сопственото знаење и опрема.
Јутјуберот, кој на платформата се претставува како Dr. Semiconductor, уште еднаш докажа дека полупроводничката технологија не мора да биде резервирана само за скапи лаборатории. По проектите што вклучуваа изработка на RAM-чип и светлечки диоди (LED), тој објави ново видео во кое ја прикажува изработката на функционална соларна ќелија, користејќи микробранова печка и алати достапни во домаќинството.
Соларна ќелија „зготвена“ во микробранова печка
Наместо високо специјализирана лабораториска опрема и таканаречени „чисти соби“, во процесот биле користени материјали и алати што можат да се најдат во продавниците. Основата на уредот е силициумска плочка од p-тип, но за да се создаде фотоелектричен ефект било потребно да се формира и негативен, односно слој од n-тип, со помош на фосфор.
Главниот предизвик во производството на полупроводници е постигнувањето исклучително високи температури потребни за дифузија на фосфорот во силициумот. Наместо специјализирана индустриска печка, авторот употребил керамичка печка поставена во микробранова печка за домаќинство со моќност од 900 W.

Првите два обида завршиле неуспешно бидејќи температурата надминала 1.400 °C, што довело до целосно топење на силициумот. Со приспособување на моќноста на печката, тој успеал да постигне работна температура од приближно 1.000 °C, со што успешно го создал потребниот слој од n-тип, како и заштитниот оксиден слој.
Почнал да полни мобилен телефон
Откако површинскиот стаклест слој бил отстранет со фина шмиргла, на силициумската плочка биле поставени електрични контакти од легура на галиум и индиум, како и од чист индиум. Самостојно изработениот соларен панел потоа бил поврзан со електрично коло со литиум-јонска батерија и конвертор на напон од 5 V, кој овозможува полнење уреди преку USB-приклучок.
Иако измерената ефикасност на оваа домашно изработена соларна ќелија изнесува само околу 5%, што е значително помалку од комерцијалните панели, чија ефикасност надминува 20%, уредот успешно ја наполнил батеријата и го активирал полнењето на паметен телефон.
За целосно полнење на мобилниот телефон со соларен панел со овие димензии би биле потребни околу три месеци. Сепак, експериментот ја постигнал својата главна цел: да покаже дека основните принципи на полупроводничката технологија можат да се применат и надвор од скапите и изолирани научни лаборатории.
