Македонката Христина Георгиева е добитничка на престижното меѓународно признание Business Elite’s „40 Under 40“ – Europe 2026, доделено на свечена церемонија на 15 октомври во Виена, Австрија. Со ова признание, Георгиева се вброи меѓу 40-те истакнати млади бизнис-лидери од различни индустрии и професионални области, како единствена жена од Македонија меѓу наградените во европското издание за 2026 година.
Основана во 2019 година, Business Elite Awards е меѓународна платформа која ги препознава достигнувањата на успешни претприемачи и бизнис-лидери. Програмата „40 Under 40“ ги издвојува професионалците под 40 години кои се истакнуваат со лидерство, професионални резултати и влијание во деловниот свет. Во 2026 година, свечените настани се организираат во Виена, Њујорк, Торонто и Сан Франциско, а според организаторите, за признанието конкурирале приближно 3.500 кандидати. Изборот се базира на професионалните достигнувања, лидерските способности, мерливите резултати и влијанието на кандидатите на национално, регионално или меѓународно ниво, а според организаторите, номинациите поминуваат низ независен процес на евалуација.

Христина Георгиева е експерт за логистика и достава на последната милја (Last-Mile Delivery), со 15 години искуство во стратешко управување, бизнис-развој и оперативен менаџмент. На извршни раководни позиции, таа имала клучна улога во основањето, развојот и трансформацијата на поштенски оператори од самиот почеток во компании со национална покриеност и широко распространети логистички мрежи. Во текот на нејзината кариера, компаниите во чиј развој учествувала реализирале вкупно над 20 милиони испораки, со над десеткратен раст во месечен обем.

Нејзината експертиза опфаќа достава до последната милја, особено за е-трговија, домашно и меѓународно поштенско лиценцирање и прекугранични логистички партнерства (Cross Border Logistic Partnerships). Денес, своето искуство го применува и преку стратешко советување и консултантска поддршка за развој на компании од логистичкиот и поштенскиот сектор.

Признанието претставува меѓународна потврда за нејзините професионални достигнувања и лидерски придонес, но и пример за потенцијалот на македонските професионалци на европската деловна сцена. Воедно, нејзиниот успех ја истакнува важноста на женското лидерство и можностите за градење успешна кариера во индустрии во кои жените сè уште се помалку застапени на највисоките менаџерски позиции.

