Опсерваторијата „Вера Рубин“ забележа објект што би можел да биде џуџеста планета која орбитира околу Сонцето во ледените пространства зад Нептун.
Научниците велат дека ледениот објект, познат како 2026 ED138, веројатно има дијаметар од 600 до 1.500 километри. Тоа значи дека најверојатно е доволно голем за сопствената гравитација да му даде сферична форма, што е една од клучните карактеристики по кои џуџестите планети се разликуваат од астероидите и другите мали вселенски тела. Доколку 2026 ED138 навистина е џуџеста планета, станува збор за значајно откритие, бидејќи астрономите досега го потврдиле постоењето на само пет вакви тела: Плутон, Церера, Ерида, Хаумеа и Макемаке.
Објектот 2026 ED138 го открил Метју Холман, кој работи во Центарот за астрофизика „Харвард и Смитсонијан“ (CfA). Клучниот момент се случил на 13 октомври, кога Холман ги обработил претходно собраните податоци од опсерваторијата „Рубин“ со помош на програма за пребарување што ја развил заедно со колегата Кевин Напиер од CfA.

Пребарувањето открило мистериозен објект надвор од орбитата на Нептун. И покрај огромната оддалеченост од Сонцето, телото било релативно сјајно, што укажува дека е поголемо од просечниот транснептунски објект.
„Мојата прва реакција беше возбуда и неверување. Ваквите објекти се многу ретки, па веднаш почнав да проверувам дали јас или програмата сме направиле некаква грешка“, изјави Холман.
Проверките вклучувале детално пребарување низ каталогот на опсерваторијата „Рубин“, кој е доста обемен и покрај тоа што станува збор за релативно нова опсерваторија.
Опсерваторијата „Вера Рубин“ се наоѓа на врвот на планината Серо Пачон, на надморска височина од 2.682 метри, во северниот дел на Чиле. Таа е опремена со примарно огледало со дијаметар од 8,4 метри. Првото светло опсерваторијата го забележала во април 2025 година, а својот главен проект, десетгодишното истражување познато како Legacy Survey of Space and Time (LSST), го започнала во јуни оваа година.

Во текот на истражувањето LSST, опсерваторијата „Рубин“ на секои неколку дена го снима целото јужно небо со помош на камера со резолуција од 3,2 гигапиксели, најголемата дигитална камера некогаш изработена за астрономски потреби. На овој начин се создава високорезолуциски временски запис на небото, кој може да открие многу нови информации за вселената.
Астрономите, на пример, сметаат дека „Рубин“ ќе помогне да се разјаснат природата и својствата на темната енергија и темната материја, мистериозни компоненти што заедно сочинуваат најголем дел од вкупната содржина на материјата и енергијата во вселената. Набљудувањата ќе послужат и за изработка на каталог на објекти во Сончевиот Систем, овозможувајќи им на научниците подетално од кога било да го мапираат нашето космичко соседство. Опсерваторијата веќе открила повеќе од 11.000 нови астероиди, а се очекува нивниот број значително да се зголеми.
Каталогот на објекти создаден во текот на истражувањето LSST веројатно ќе опфати и одреден број нови џуџести планети, меѓу кои би можел да се најде и објектот 2026 ED138.
Постоењето на овој објект е потврдено. Холман и неговиот колега Марио Јуриќ, кој работи на Универзитетот во Вашингтон и е главен научник за истражување на Сончевиот Систем во рамките на опсерваторијата „Рубин“, утврдиле дека објектот бил забележан дури 30 пати во текот на 20 ноќи, во периодот од 4 март до 11 јули годинава.
Дополнителните истражувања откриле дека 2026 ED138 бил регистриран и со камерата Dark Energy Camera (DEC), инструмент поставен на телескопот „Виктор М. Бланко“, со примарно огледало со дијаметар од четири метри, во опсерваторијата Серо Тололо во Чиле. Набљудувањата на овој објект со камерата DEC датираат уште од 2016 година.
Податоците покажуваат дека орбитата на 2026 ED138 е наклонета за околу 25 степени во однос на рамнината на Сончевиот Систем. Научниците сметаат дека гравитациската интеракција со Нептун веројатно ја променила неговата патека и го исфрлила од рамнината во која се движат повеќето планети во нашиот систем.
Објектот 2026 ED138 моментално се наоѓа на оддалеченост од околу 46 астрономски единици (АЕ) од Сонцето. Една астрономска единица е растојанието меѓу Земјата и Сонцето, односно приближно 150 милиони километри. Тоа значи дека објектот е подалеку од Плутон, чија просечна оддалеченост од Сонцето изнесува околу 40 астрономски единици.
Сепак, за овој објект сè уште има многу непознати работи. На пример, нема да може да се потврди дали станува збор за џуџеста планета сè додека астрономите прецизно не ги утврдат неговите димензии. За тоа ќе бидат потребни набљудувања во инфрацрвениот дел од спектарот, односно во опсегот на бранови должини за кој е оптимизиран вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА.
„Доколку се потврди дека станува збор за џуџеста планета, ED138 ќе се приклучи на многу малото семејство вакви светови. Во текот на десет години, „Рубин“ постојано ќе го снима целото јужно небо, што значи дека сега ни се на дофат и сите други објекти што можеби се кријат во областите што претходните истражувања ги пропуштиле“, заклучи Холман.
