Вештачката интелигенција повеќе нема да помага во копирање на омилените видеоигри, но и понатаму ќе овозможува создавање оригинални игри. Anthropic воведе построги правила за да избегне прекршување на авторските права
Anthropic го ажурираше својот AI-алат Claude со цел да ги спречи корисниците да создаваат копии на постојни видеоигри со негова помош. Според новите насоки, Claude ќе одбива барања за рекреирање конкретни игри, дури и кога корисниците ќе го сменат нивното име или ќе се обидат да ги претстават како оригинални проекти.
Новите правила прв ги забележал еден корисник на социјалната мрежа X, а набргу потоа ги потврдил и Ади Османи (Addy Osmani), член на техничкиот тим на Anthropic. Османи објаснил дека компанијата имплементирала нови програмски инструкции со кои на моделот јасно му се укажува да создава оригинални игри, игри во рамките на одреден жанр, како и наслови засновани на сопствениот дизајн на корисникот.
Меѓутоа, на Claude изрично му е забрането да создава копии на конкретни игри што се туѓа сопственост. Според Османи, целта на оваа одлука е алатката да се насочи подалеку од рекреирањето туѓи игри, бидејќи користењето на Claude за повреда на интелектуалната сопственост е директно прекршување на условите за користење на самиот сервис.

Тој додал дека Anthropic ќе продолжи да го приспособува системот за да најде соодветна рамнотежа меѓу слободата на корисниците и почитувањето на законите.
Ова ограничување доаѓа во прилично интересен момент за индустријата за видеоигри и заедницата на модери. Во последно време е забележан голем пораст на таканаречените AAA игри кои, со помош на вештачка интелигенција, се декомпајлираат и целосно се приспособуваат за играње директно во интернет-прелистувачите.
Неодамна се појавија и различни проекти создадени од обожаватели („fan-made“), кои овозможуваат играње на наслови како Halo: Combat Evolved, Call of Duty: Modern Warfare 2, па дури и Grand Theft Auto V, директно во прелистувач.
